Секој 8-ми стан во земјава е под хипотека кај банките

43

Секој осми стан во земјава е под хипотека кај домашните банки. Податоците на Агенцијата за катастар на недвижности покажуваат дека во третиот квартал лани во земјава имало вкупно 1.084.534 станови од кои дури 132.527 биле под хипотека – што практично значи дека преку хипотеките на банките е пренесена сопственоста на дури 12,22 проценти од станбениот фонд во земјава.

Скопје рекордер – секој петти стан заложен кај банките

Скопје е рекордер по заложени станови-дури половината од хипотеките се во главниот град. Податоците покажуваат дека на секој петти стан во метрополата „газди“ се банките. Така во катастарот во Скопје во периодот од јули до крај на септември биле запишани вкупно 317.084 станови, од кои дури 20,28 проценти или 64.301 се под хипотека.

Втор на листата градови со процентуално најмногу хипотеки во споредба со бројот на впишани станови во катастарот е Неготино каде на банките се пренесени имотни листови на 19,06 проценти од становите или од вкупно 12.906 станови во општината, дури 2.460 се под хипотека.

Гевгелија е на третото место според процентот на заложени станови и тоа од вкупно 23.690, хипотека има на 3.893 или на 16,43 проценти.

Со станови под хипотека над државниот просек се уште Кавадарци со 14,13 проценти заложени станови, Битола со 12,74 проценти, Штип со 12,47 проценти од вкупниот број станови во општината.

Најдолу на листата, или со најмалку станови под хипотека се Кратово, со само 1,33 проценти и Македонски Брод, каде што во банка се заложени 1,69 проценти од станбениот фонд.

Податоците покажуваат дека драстично расте бројот на станови под хипотека во земјава. Споредено со истиот период, трет квартал од 2016 година, или замо за три години бројот на станови под хипотека пораснал за 32.600 станови или тогаш под хипотека биле 9,28 проценти од становите во земјава или за 3 проценти помалку од лани.

Во земјава има 6.368 нови непродадени станови

Бројките на Агенцијата за катастар на недвижности покажуваат дека во периодот јули – септември 2019 година, на целата територија на земјава се продадени 674 новоизградени станови што е за 195 станови повеќе од вториот квартал во 2019 година. Статистиката покажува дерка заклучно со септември, во земјава има дури 6.368 станови кои се изградени, а сè уште не се продадени и се нудат на пазарот на недвижности. За разлика од претходниот квартал пак, во третиот квартал има зголемување за 615 непродадените станови. Додека пак, во овој период се издадени 11.950 листови за предбележување на градба, што значи дека овие објекти се во фаза на градба и наскоро ќе се најдат на пазарот на недвижности.