Селами: За спроведување на пописот државата одвои 8.5 милиони евра, вратени 900.000 евра

9

Од Буџетот на државата беа одобрени 8.5 милиони евра за 2018, 2019, 2020, 2021 година за спроведениот Попис, додека одложувањето на пописниот процес во април не чинеше 500.000 илјади евра, информира заменикот-директор, Илми Селами.

Тој на денешниот настанот на кој беа објавени податоците од Пописот на населението, домаќинствата и становите 2021, појасни дека најголема ставка биле лаптопите, а во Буџетот биле вратени дури 900.000 евра.

-Од Буџетот на државата ни беа одобрени 8.5 милиони евра за 2018, 2019, 2020 2021 година, најголема ставка беа лаптопите , но тоа е инвестиција која денеска се враќа. Имено, веќе тече постапката за доделување на лаптопите на институциите на кои им се потребни. Одложувањето на пописот во април не чинеше 500.000 илјади евра, бидејќи целата пописна машинерија на крајот на март беше ставена во погон, а одложувањето се случи ден пред почетокот на пописот на терен, изјави Селами.

Додаде дека сите пописни активности ги завршиле во предвидениот буџет, како и дека целиот пописен процес секој граѓанин во држава го чинел по четири евра.

-Бевме упорни и убедливи во докажувањето на потребата и придобивките од употребата на комбинираниот метод за спроведување на Пописот и тоа го потврдуваме денес со објавувањето на финалните податоци како прва земја во регионот со дефинитивни резултати од успешно спроведениот Попис на населението, домаќинствата и становите во 2021 година, подвлече тој.

Изрази задоволство од начинот на кој се спровела специфичната статистичка операција, во која како што рече биле вклучни професионалноста и посветеноста на учесниците.