СЕММ ја отфрла како неоснована жалбата на Беким Асани против “КОХА”

49

Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), на седницата одржана на 26 февруари 2021 година, врз основа на примена жалбa од Беким Асани, ја донесе следната:

ЖАЛБАТА СЕ ОТФРЛА КАКО НЕОСНОВАНА

Весникот „Коха“ со текстот насловен „Bekim Asani i LGBT-së: Nëse nuk mund ti bëni punët për shqiptarët, na i leni neve! (foto)“ („Беким Асани од ЛГБТ: Ако не можете да ги реализирате работите за Албаниците, оставете ни ги на нас! (фото)“, не ги прекршил етичките и професионални стандарди.

ЖАЛБА

До извршната канцеларија на Советот за етика во медиумите на Македонија, на 15 февруари 2021 година, Беким Асани поднесе жалба за текстот со наслов „Bekim Asani i LGBT-së: Nëse nuk mund ti bëni punët për shqiptarët, na i leni neve! (foto)“ („Беким Асани од ЛГБТ: Ако не можете да ги реализирате работите за Албаниците, оставете ни ги на нас!“, објавен на 15 февруари 2021 година, на веб-порталот на весникот „Коха“ (www.koha.mk). Во жалбата се наведува дека оспорениот текст содржи неточно и нефер известување и нарушување на приватноста, односно дека Кодексот на новинарите на Македонија е прекршен во членовите 1 и 7. Подносителот на жалбата Асани вели дека целиот оспорен текст се заснова на негов коментар на Фејсбук и воедно потенцира дека вака обработените текстови во минатото предизвикале омраза, говор на омраза и насилство кон него како ЛГБТИ активист. Тој дополнува дека воопшто не бил контактиран, ниту била побарана согласност од него од страна на медиумот објавениот коментар на социјалните мрежи да го користи за создавање на текстот.

ОДГОВОР НА МЕДИУМОТ

Извршната канцеларија на СЕММ, во согласност со членот 14 од Правилникот за работа на Комисијата за жалби, по приемот и разгледување на жалбата, стапи во контакт со весникот „Коха“ и побара да се изјасни по однос на наводите на жалбата. Директорот на медиумот, уредникот и новинар, Лирим Дулови одговори на наводите на жалбата. Тој ја отфрла жалбата како неоснована и во својот одговор истакна дека жалителот не наведува кои се спорните делови во текстот согласно наведените жалбени наводи. Во однос на забелешката дека порталот на весникот „Коха“ не постапил коректно и направил текст врз основа на коментар од жалителот објавен на социјалната платформа Фејсбук, по однос на претходен текст објавен од „Коха“, Дулови вели дека преземениот коментар од Фејсбук е објавен во целост, без ниту една интервенција од страна на порталот. Во продолжение на одговорот, Дулови наведува дека жалителот стапил во контакт и со уредникот Ведат Мемедалиу, каде што предмет на таа комуникација било оспорувањето на моментот зошто од неговиот коментар искажан на социјалната мрежа Фејсбук, весникот „Коха“ направил новинарски напис. За одговорот од уредникот Мемедалиу, од весникот испратија принт скрин како доказ, каде што евидентен е одговорот од уредникот, во кој се истакнува следново: “Беким, токму вашиот коментар е вест, особено кога информирате дека не се само две, туку со ваша интервенција сте отстраниле десетици книги. Ова е за поздравување, а исто така е и вест. Потврдено е дека профилот не е лажен и, конечно, станува збор за отворена социјална мрежа. Написот за кој станува збор нема намера да навреди, напротив, да го прикаже успехот на ЛГБТ заедницата во борбата против дискриминацијата, која политиката во многу случаи ја губи. И уште еднаш, написот не е воопшто дискриминирачки, туку информативно – без мешање и коментари во текстот и е цитиран во целост“.

ОДЛУКА НА КОМИСИЈАТА ЗА ЖАЛБИ

Комисијата за жалби утврди дека жалбата е НЕОСНОВАНА и едногласно одлучи дека нема прекршување на Кодексот на новинарите на Македонија. Комисијата во оспорениот текст не најде елементи неточно и нефер известување и нарушување на приватноста, ниту прекршување на Кодексот на новинарите во членовите 1 и 7, на кои упатува жалителот.
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ НА ОДЛУКАТА

На седницата на 26 февруари 2021 година, членовите на Комисијата за жалби ги разгледаа наводите на жалителот и извршија увид во спорната содржина. Се работи за текст кој е вест во низа, односно продолжение на тема што медиумот ја отвора три дена претходно и која се однесува на контроверзните содржини во учебникот по географија за средно образование и за несоодветниот начин на кој била претставена албанската заедница во Македонија. Авторот на содржината пренесува дел од реакциите на јавноста, иницирани токму од претходно објавениот текст на „Коха“, насловен „ЛГБТ посилно од албанските партии! Примерот на Дескоска со скандалозните книги“.

Во рамките на текстот, медиумот ја пренесува реакцијата на претставникот на ЛГБТ Тетово и подносител на оваа жалба, Беким Асани, објавена на Фејсбук. Тој на социјалните мрежи се осврнува на текстот на „Коха“, но и појаснува дека под влијание на ЛГБТ заедницата во минатото биле повлечени 10 книги и скрипти со хомофобична и дискриминаторска содржина. Спротивно на наводите на жалителот, став на Комисијата е дека со објавувањето на статусот на Асани, весникот „Коха“ не го прекршил Кодексот на новинарите, ниту ја нарушил неговата приватност. Асани е личност од јавниот живот и подлежи на поширок степен на јавен надзор, а неговите ставови се важен фактор во обликувањето на јавното мислење, особено за прашања поврзани со маргинализираните групи и нивното дејствување во општествениот живот.

Комисијата цени дека Фејсбук статусот на жалителот е пренесен со единствена цел да се покрене јавна дебата за одредено прашање, во случајов забрзување на најавите за промена на контроверзните содржини во учебникот по географија.

Авторот и во двата текста прави компаративна ретроспектива на случајот со учебникот по географија и случаите од минатото кога други учебници биле повлечени од образованиот процес, проблематизирајќи ја ажурноста на надлежните во актуелниот случај. Во таа насока, авторот го посочува влијанието на ЛГБТ заедницата во Македонија, под чиј притисок експресно биле ревидирани спорните учебници во минатото, што од друга страна не е случај со актуелното дејствување на политичките партии кон проблематичните содржини. Оттука, Комисијата најде дека текстот на „Коха“ не отстапува од професионалните и етички стандарди и дека нема прекршување на Кодексот на новинарите на Македонија. Единствената забелешка во текстот, според членовите на Комисијата, е во неодмереноста на авторот во дел од текстот, кој користи зборови кои можат да предизвикаат нетпреливост и подгревање меѓуетнички тензии, како во случајов:

*„Станува збор за написот во кој го третиравме начинот како може да се отстрани од употреба книгата Географија за реформираните гимназии, каде што Албанците се нарекуваат дивјаци и потомци на Ромите, Черкезите и Турците“.

Во оваа прилика, Комисијата потсетува на обврските на медиумите во однос на начинот на известување со цел да ги заштитат поединците и групите од неправда и дискриминација врз која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…) Искуството од професионалните медиумски кругови покажа дека е корисно медиумските претпријатија да се стремат на:

*избегнување понижувачко и стереотипно прикажување на припадниците на културните, етничките или религиозните заедници во публикации или програмски услуги;
*прикажување на културните, етничките и религиозните заедници на избалансиран и објективен начин и на начин што ќе ги рефлектира перспективите и погледите на овие заедници;

Во согласност со наведеното, Комисијата одлучи како што е погоре наведено. Во работата на Комисијата учествуваа членовите Мирче Адамчевски, Сефер Тахири, Мери Јордановска, Теофил Блажевски, Лилјана Пецова – Илиеска, Ердем Ахмет и Димитар Мицев.

Се обврзува веб – порталот на весникот „Коха“ (www.koha.mk), во согласност со членот 18 од Деловникот за работа на Комисијата за жалби, да ја објави оваа одлука.