Се е против Вардар, но шампионот ќе “гризе” до крај!

24

Воопшто не изгледаат добро работите за европскиот првак Вардар на неколку часа пред последниот натпревар од групната фаза во Лигата на шампионите за оваа година во кој го пречекуваат Веспрем во СЦ „Јане Сандански“ (17 часот).

Вардар е на шестата позиција во групата Б, последната која води во елиминациите, има сериозни главоболки со повредени играчи, од пред некој ден и официјално е без Кристијан Дисингер, кој го оперираше коленото и го чека пауза од четири-пет месеци.

Вардар има само една победа (над Мотор Запорожје) во последните шест натпревари, како и едно реми со Келце во Скопје, додека на останатите четири натпревари претрпе тешки порази.

Денеска се соочува со Веспрем, тим, кој никогаш го нема победено на домашен терен. Да, колку и да звучи чудно, Веспрем никогаш не паднал во СЦ „Јане Сандански“, а во десетте елитни пресметки меѓу „црвено-црните“ и унгарскиот првак, Вардар славел двапати, ланската сезона на гостински терен и неколку месеци подоцна во Келн, во финалето на Ф4. Еден меч, пак, има завршено со реми.

Веспрем во Скопје доаѓа полн со самодоверба, не само поради статистиката туку и поради тоа дека на првиот меч од пред месец дена забележа убедлив триумф (39:30). Исто така тројца ракометари на унгарскиот тим, Дејан Манасков, Рожерио Мораес и Вуко Борозан, како и стратегот Давид Дејвис знаат точно како изгледа да се игра во „скопскиот пекол“ со оглед на тоа дека го носеа „црвено-црниот“ дрес.