Се заострува битката меѓу Твитер и Илон Маск

1

Социјалната мрежа Твитер во октомври ќе ја започне правната битка против Илон Маск околу неговото купување на компанијата вредно 44 милијарди долари. Судот во Делавер одлучи дека компанијата заслужува брзо решавање на случајот, пишува Њујорк Тајмс.

Ова судење е прв чекор на Твитер да го „натера“ Маск – најбогатиот човек во светот – да ја купи компанијата, како што првично беше договорено.

Маск во април се договори да го купи Твитер, но претходно месецов соопшти дека се откажува од купувањето.

„Колку подолго купувањето останува во неизвесност, толку поголем облак на несигурност се фрла врз компанијата“ изјави Каталин МекКормик, судија од Делавер.

 

Победа за Твитер?
Пресудата е голема победа за Твитер, а голем удар за Маск, кој во февруари се обиде да ја тужи компанијата поради ширење на лажни информации и лажни профили, пишува Ројтерс.

Адвокатот на Маск, Алекс Спиро изјави дека тие ќе бидат подготвени за овој случај.

Кога Маск соопшти дека ќе го купи Твитер, сакаше целата процедура да биде надвор од очите на јавноста. Но, по неколку недели тој влезе во конфликт со компанијата и нивните политики. Тој го повика Твитер да објасни колку од неговите профили се лажни.

За Твитер, ваквите обиди на Маск се начин како да се откаже од купувањето на компанијата, знаејќи дека берзата доживеа пад.

На вчерашното рочиште Твитер се залагаше судењето да се одржи што е можно побрзо. Адвокатот на компанијата, Бил Савит, вели дека нејаснотиите околу купувањето на Твитер ѝ нанесуваат голема штета на компанијата.

Маск сѐ уште бара одговори за лажните профили на Твитер, кој со овој проблем се соочува веќе подолго време.

Енди Росман, еден од адвокатите на Маск, вели дека Твитер бара начини како да ги „заобиколи“ барањата на Маск.

„Кога Маск почна да поставува прашања, од компанијата молчеа“ вели Росман.

Инаку, Илон Маск се соочува со друго судење пред судијата МекКормик од Делавер, кое треба да започне на 24-ти октомври, околу неговите рекордни 56 милијарди долари од Тесла.