Се намалува број на нови случаи, но расте бројот на починати од Ковид -19

7

Во последните 24 часа од Ковид 19 во нашата држава починале 27 луѓе, потврди министерството за здравство.

12 жртви се од Скопје, додека по 3 починати има од Битола и Охрид, како и 2-ца граѓани од Куманово и Тетово. По една жртва на опасниот вирус има во Прилеп, Велес, Гостивар, Струмица и Кичево.

Новозаразени со корона вирусот се 1129 луѓе од вкупно направени 4045 тестови. Процентот на позитивни од тестирањата останува висок и во последните 24 часа изнесува 28 проценти.

Најмногу нови случаи се регистрирани во Скопје, 458, по што следуваат Битола со 96 и Куманово со 82. Во Прилеп има 54 новозаразени, во Велес 47 а Тетово 44. Уште во 13 градови има регистрирано двоцифрен број нови позитивни случаи.

Истовремено, Институтот за јавно здравје денеска го објави и редовниот неделен извештај, овој пат за периодот од 5-ти до 11-ти април.

Минатата недела биле регистрирани 6 867 нови позитивни случаи во 35 градови во Македонија. Тоа што е добра вест во извештајот на ИЈЗ е фактот е дека ова претставува намалување од 13,4 проценти во однос на минатата недела. Истовремено, минатата недела зголемен е и процентот на луѓето кои се стекнале со статусот оздравени, и нивниот број е за 25,7% повисок во однос на претходните 7 дена.

Најмногу од новозаразените се во Скопје, додека највисока неделна инциденца има во Кавадарци, 525 на 100 000 луѓе.

Стапката на позитивни тестови во споменатиот период е од 16,2 до 29,6 проценти или просечно 24,3% – што претставува зголемување од 5% во однос на минатата недела.

Најлошата статистика во неделниот билтен на ИЈЗ е бројот на починати. Од 5-ти до 11-ти Април починале 276 наши сограѓани, што претставува зголемување од 6,2%. Ваквиот податок е во согласност со трендот на пандемијата, бројот на починати да се зголемува неколку недели по зголемувањето на бројот на позитивни.

Најмногу починати, 238 луѓе се на возраст над 60 години; 27-мина на возраст од 50 -59 години; 8 од жртвите се во возрасната група од 40 до 49 години и 3 починати на возраст од 30 до 39 години.