Се очекува голем скок на новозаразени во Црна Гора, двајца епидемиолози си дале оставки

21

Вчера,на седмиот ден по парламентарните избори, црногорските здравствени власти забележаа повеќе од 100 нови инфекции, а двајцата лекари, членови на здравствениот кризен штаб, поднесоа оставки затоа што надлежнитe не ги забранија политичките собири.

Црногорскиот институт за јавно здравје потврди вчера 106 нови инфекции од вкупно тестирани 380 Црногорци, што покажува дека скоро секој четврти примерок е позитивен.

Исто така, сто жртви на коронавирус се регистрирани во Црна Гора од 14 јуни, кога започна вториот бран на инфекцијата, додека само девет заразени починале во првиот бран.

Директорот на Институтот за јавно здравје смета дека епидемиолошката состојба во Црна Гора станува сè посложена, дека ширењето на инфекцијата се забрзува и дека расте бројот на заразени, што значи, како што рече, дека ќе се зголеми бројот на сериозно болни и смртни случаи.

„Заради настаните во последните 10-20 дена, со продолжување на масовните собири, ќе имаме нагорен тренд и се плашам дека ќе стане поголем“, рече Мугоша, повикувајќи ги сите да се воздржат од масовни собири за да се намали епидемиолошкиот ризик.

Минатата недела илјадници приврзаници на опозицијата славеа победа на улиците на црногорските градови без да ги земат предвид епидемиолошките мерки, додека приврзаниците на сегашната црногорска влада, предводена од Мило Ѓукановиќ, синоќа организираа митинг во Подгорица, на кој присуствуваа 50.000 граѓани.

Поради слабата реакција на надлежните органи за организирање на овие митинзи, двајца лекари, епидемиологот Немања Радојевиќ и претседателот на кризниот здравствен штаб Ранко Лазовиќ, поднесоа оставка од членството во ова тело, кое требаше да ги утврди сите мерки за успешно справување со пандемијата на коронавирус и управување со целиот здравствен систем.

Црна Гора регистрира над пет и пол илјади заразени од средината на март, што е скоро еден процент од населението во земјата од 620 000 жители. Бројот на заразени нагло се зголеми од средината на јуни откако земјата ги олесни мерките.

Во првиот бран на епидемија на коронавирус во Црна Гора, заразени биле само 324 лица.