Се повлекуваат приватните автобуски превозници од пред „Мавровка“, блокадата продолжува на „Илинденска“ пред Град Скопје

4

Во тек е преместувањето на приватните автобуски превозници од пред ТЦ „Мавровка“ и Црвен крст. Како што изјави Ќемал Муриќ од „Слобода превоз“, блокадата на  две третини од превозниците е поместена пред Град Скопје при што се блокирани лентите на булевар „Илинденска“ на потегот од Фонтана, па се до крстосницата до ГОБ „8 Септември“.

Муриќ исто така изјави дека приватните превозници денеска после 13 часот ќе бараат прием во Владата со премиерот Димитар Ковачевски.

Превозниците завчера на координативен состанок одлучија од 10 часот да ги дислоцираат автобусите од кај „Мавровка“ и Црвен крст и да се упатат на бул. „Илинден“, на потегот од зад Владата кон Карпош до „Алумина“. Причина за деблокадите, како што велат,  е да се направи поголем притисок на Град Скопје за да им се исплати долгот.

Во саботата Муриќ одговарајќи на новинарско прашање дали ќе побараат повторно средба со градските власти, рече дека Арсовска нема намера да разговара со нив, бидејќи, како што посочи, ги нема аргументите. И тогаш најави дека ќе бараат помош директно и од премиерот Димитар Ковачевски.