Се подготвува теренот за вакцинација во монтажната ковид-болница во Скопје

55

Течат подготовките во модуларната ковид-болница во Клиничкиот центар во Скопје, каде во среда започнува вакцинацијата на здравствените работници.

„Вакцинацијата ќе се одвива на пет вакцинални позиции, а во тимовите за имунизација има медицински сестри и лекари. Модуларната болница ќе работи во две смени од 8 до 20 часот,“ напиша министерот за здравство, Венко Филипче на својот профил на Фејсбук.

Со вакцините на „Фајзер“ кои Македонија ги набави од Србија први ќе се вакцинираат здравствените работници во ковид-центрите.

Пратката со 4 680 вакцини денеска ја прими македонскиот премиер Зоран Заев од српската делегација која ја предводеше претседателот Александар Вучиќ. Вкупната количина која треба да ја добие земјава од Србија е 8 000 вакцини.