Се рехабилитираат 16,6 километри од патот Куманово-Страцин

Делот од патот што моментално се рехабилитира e во вредност од 7,2 милиони евра, пари од буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта.

18

Рехабилитацијата на патот кој го поврзува Куманово со Страцин во должина од 16,6 километри е при крај и се очекува да заврши пред рокот. Ова денеска го соопштија премиерот Оливер Спасовски и минситерот за транспорт и врски Горан Сугарески кои направија увид во работите на патот.

– Се рехабилитира комплетната коловозна конструкција со асфалтирање во два слоја и се изведува санација на 3 моста и 10 плочести пропусти. Се гради заштита на косини со армирано бетонски и габионски ѕидови и се поставува заштитна мрежа заради безбедност. Долж делницата се реновираат и градат 7 паркиралишта и 8 автобуски станици и се изведуваат работи за комплетна обнова на хоризонталната и вертикалната сигнализација по целата траса, како и електричното осветлување на патот што поминува низ населеното место Страцин – рече Спасовски.

Делот од патот што моментално се рехабилитира e во вредност од 7,2 милиони евра, пари од буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта.

– Во меѓувреме тече тендерска постапка за рехабилитација на дополнителни 15 километри со средства од ИПА програмата. Значи само за рехабилитација на регионалниот пат Куманово-Страцин инвестираме преку 14 милиони евра – информира Сугарески.

Тој додаде дека модернизацијата на Коридор 8 е од клучно значење како за регионално поврзување и зголемена соработка на нашата земја со соседна Бугарија, така и за унапредување на транспортот, брз и безбеден превоз на стоки и патници и генерално создавање услови за зголемена конкурентност и развој на регионот и економски раст на државата.

Покрај рехабилитацијата на регионалниот пат Куманово–Страцин, во овој дел од земјата се рехабилитира и постоечкиот пат Ранковце – Крива Паланка, се реконструира и се гради трета лента на патниот правец Крива Паланка – граничен премин Деве Баир, а се гради и нов експресен пат од Ранковце до Крива Паланка.