СЗО: Ковид нема целосно да се искорени, но вакцините ќе ни овозможат да го контролираме вирусот

30

Еден од главните експерти на Светската здравствена организација (СЗО), Мајк Рајан најави дека вакцината против ковид може да се очекува на почетокот од следната година, со што на светот ќе му се овозможи „значителна контрола над вирусот“.

„Животот на кој сме навикнати пред пандемијата – мислам дека е е повторно многу возможен, но мора да продолжиме да одржуваме хигиена и физичко растојание. Вакцините не значат дека нема да имаме случаи на корона. Сепак, ставањето на вакцината во игра ќе ја собори кривата, ќе стави крај на рестриктивните мерки и ќе ни овозможи контрола над болеста“, рече Рајан.
Тој додаде дека е потребна свесност за тоа дека „мора да ја намалиме шансата короната да продолжи да се шири“.

„Советувам голема претпазливост за време на новогодишните празници. Во Ирска, од каде што сум, знаат да се соберат и по 15 луѓе во кујна за заеднички да подготвуваат оброци за Божиќ. Тоа сега не смееме да го правиме“, додаде Рајан.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера објави дека испораката на вакцината против коронавирус ќе започне следната недела.

За време на вчерашниот брифинг по видеоконференцијата со американските трупи по повод Денот на благодарноста, Трамп рече дека вакцината првично ќе им биде дадена на луѓето кои се во првите редови во борбата против пандемијата, медицинскиот персонал и повозрасните граѓани.

Трамп на почетокот на овој месец рече до крајот на годината ќе бидат произведени 100 милиони дози вакцини за ковид-19, што е доволно за вакцинирање на 330 милиони Американци до април следната година.

Две американски, една британска и една кинеска компанија најавија дека наскоро очекуваат нивните експериментални вакцини да почнат да се користат, откако минале масовни тестирања врз луѓе и притоа покажале голема ефикасност.