СЗО: Милиони деца ќе добијат нова вакцина против маларија до крајот на 2023 година

4

Новата вакцина против маларија RTS, S ќе биде пошироко дистрибуирана од крајот на следната година, со што ќе се заштитат милиони деца во земјите каде што болеста е најраспространета, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО).

Повеќе од 20 земји планираат да ја користат RTS, S, а некои ќе почнат да ја користат следната година, информира Абдисалан Нур од програмата за маларија на СЗО.

Некои влади ќе добијат пристап до вакцината со помош на меѓународната алијанса за вакцинација Гави, додаде тој.

Според проценките на СЗО, околу 619.000 луѓе починале од маларија ширум светот во 2021 година, нешто помалку од 625.000 претходната година.

Случаите на болеста достигнаа 247 милиони, но стапката на пораст е забавена, соопшти СЗО при објавувањето на својот годишен извештај за маларија. Околу 95 проценти од болестите и смртните случаи се регистрирани во Африка.

Иако побавното ширење е охрабрувачко, СЗО предупреди дека паразитот што го пренесуваат комарците што ја предизвикува болеста станува сè поотпорен на лекови.

Исто така, се шири еден вид комарец кој е отпорен на многу инсектициди.

СЗО соопшти и дека комарците делумно се приспособиле на луѓето што користат мрежи против комарци над нивните кревети со напаѓање пред да се стемни и со напаѓање на добиток, наместо луѓе, што е понатамошен загрижувачки развој.

Покрај тоа, луѓето често продолжуваат да користат оштетени мрежи за комарци и не се обезбедуваат замени, додаде СЗО.