СЗО: Најважна е стратегијата за следење на контактите на заразените со ковид

Светската организација ги отфрли како неосновани забелешките од повеќе земји дека оваа мерка е премногу тешка за спроведување

10

Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус ги отфрли обвинувањата од некои земји дека стратегијата за следење на контактите на заразените со коронавирус е премногу тешка за спроведување и дека е неефикасна во контролата на пандемијата.

СЗО повеќе пати ги советуваше земјите дека запирањето на епидемијата со ковид-19 бара силна стратегија за следење контакти, интензивен процес за пронаоѓање луѓе кои биле во контакт со заразените и нивна изолација.

Во последните месеци, земји со голем број заразени лица, вклучително и Велика Британија и Соединетите Американски Држави, посочија дека има премногу контакти за да се најде ефикасен систем што може да се воспостави.

Британија се обврза да воспостави систем за следење контакти на почетокот од овој месец, но на крајот се откажа од дигиталната апликација што ја разви за таа цел, а политичарите признаа дека програмата сè уште не работи целосно и покрај тоа што се ангажирани илјадници работници.

Во последните неколку недели, британските здравствени власти соопштија дека нивните трагачи за контакти не успеале да дојдат до четвртина од луѓето заразени со вирусот, оставајќи така илјадници заразени да ја пренесат инфекцијата.

СЗО уште еднаш предупреди дека системот на следење и откривање на контактите мора да продолжи бидејќи пандемијата не покажува знаци на забаување, туку напротив се забрзува, посебно во Америка.

„Суровата реалност е дека ова не е ниту приближно до крајот“,

оцени генералниот директор на СЗО, додавајќи дека „најлошото допрва следи“.