СЗО: Не им верувајте многу на американските разузнавачки податоци за пандемијата

6

Еден од експертите на Светската здравствена организација во мисијата за истражување на потеклото на коронавирусот во Вухан денес ја доведе во прашање веродостојноста на американските разузнавачки податоци за пандемијата.

„Ве молам не им верувајте премногу на американските разузнавачки податоци: сѐ понереални под Трамп и искрено погрешни од многу аспекти“, напиша членот на тимот на СЗО Питер Дасзак на Твитер.

Според АФП, коментарот следува по изјавата на портпаролот на Стејт департментот во која се чини дека САД се дистанцираат од првичните наоди на експертите на СЗО.

Меѓународниот тим од експерти од Кина и СЗО вчера соопшти дека не е пронајдено животното од кое потекнува коронавирусот и дека нема знаци дека тој бил присутен во кинескиот град Вухан долго пред да биде откриен.

Експертите исто така оценија дека хипотезата дека коронавирусот „избегал“ од лабораторијата е „крајно неверојатна“.

Првите случаи на коронавирусот беа регистрирани во декември 2019 година во Вухан, а потоа епидемијата се прошири на целиот свет.

До денес, повеќе од 2,3 милиони луѓе низ светот починаа од коронавирусот.