СЗО: Состојбата во Србија е сериозна, вчера повеќе од 4000 заразени

6

Директорот на канцеларијата на СЗО во Белград, Марјан Ивануша, предупреди за наглиот скок на бројот на ново заразени со коронавирус, дека „ситуацијата е сериозна“.

Како што рече Ивануша, Србија се наоѓа на четвртото место во Европа според бројот на новоинфицирани со коронавирус на 100.000 жители.

Веќе со денови, Србија има повеќе од 3.000 нови инфекции на дневна основа, а вчера и завчера повеќе од 4.000, додека бројот на хоспитализирани повторно надмина 4.000.

Ова дополнително го загрозува веќе пренапрегнатиот систем за здравствена заштита, поради што медицинскиот дел од кризниот штаб инсистира на заострување на мерките и затворање на најмалку една недела.

„Освен успехот во вакцинацијата, треба да се има предвид дека бројот на оние кои сè уште не биле вакцинирани е сè уште голем“, изјави Ивануша за белградска „Политика“.

Од почетокот на масовната имунизација на крајот на декември минатата година, Србија искористила вкупно 1.530.671 дози вакцини, додека 534.128 вакцинирани ја примиле втората доза.