Сигурни сме дека нашата вакцина делува и против новиот сој на коронавирус, вели шефот на „Бионтек“

29

Германската фармацевтска компанија „Бионтек“ е убедена дека нејзината вакцина против коронавирус, развиена во соработка со „Фајзер“, е ефективна и против новиот сој откриен во Велика Британија, но ќе се направат дополнителни истражувања за да се потврди тоа.

Ширењето на мутацијата засега е ограничено главно на Лондон и југоисточна Англија, но предизвика меѓународна загриженост, па повеќе од 40 држави од цел свет веќе ги забранија летовите или ги прекинаа патничките врски со Велика Британија. Засега нема докази дека новиот сој предизвикува посериозна болест или поголема смртност.

„Во моментов, не знаеме дали нашата вакцина обезбедува заштита и од овој нов сој. Но, научно гледано, многу е веројатно дека имунолошкиот одговор од вакцината може да се справи и со нови варијанти на коронавирус“, изјави извршниот директор на „Бионтек“, Угур Шахин, ден откако нивната вакцина беше одобрена од Европската Унија.

Тој вели дека протеините во британскиот сој се 99% исти како кај останатите варијанти.

„Токму затоа, постои научна убеденост дека вакцината ќе биде ефективна. Но, тоа ќе го знаеме откако ќе направиме експерименти и ќе ни требаат две недели за да ги добиеме податоците. Но, веројатноста дека вакцината делува е многу висока“, изјави Шахин.

Според него, ако има потреба да се прават измени во вакцината поради новиот сој, за тоа ќе требаат околу шест недели.