Сиднеј под вода, наредена евакуација: Доаѓа уште полошо време

1

Нови наредби за евакуација на илјадници жители на Сиднеј издадени се денеска, откако обилните дождови поплавија неколку предградија на најголемиот град во Австралија.

Локалните власти предупредија дека се очекува уште „ по диво време“ во следните 12 часа. Се предвидува нискиот притисок на источниот брег на Австралија да донесе пообилни врнежи од дожд во јужните региони на Нов Јужен Велс, јавува Си-Ен-Ен.

Дождот во некои делови од земјата паѓа веќе еден месец, а во следните 24 часа би можеле да паднат уште 100 милиметри во широка област од Њукасл до јужниот дел на Сиднеј, на растојание од повеќе од 300 километри, јавува локалната метеоролошка служба.

– Ако бевте безбедни во 2021 година, не претпоставувајте дека ќе бидете безбедни вечерва. Станува збор за ситуација која брзо се развива и би можеле да бидеме сведоци на поплави во области кои никогаш досега не ги доживеале – велат од итната помош.

Тие ги повикаа луѓето да размислат за одложување на патувањето за одмор.

– Ова е вонредна состојба опасна по живот – им рекоа на граѓаните од итната помош.

Издадени се предупредувања поради опасност од поплави долж реките Непеан и Хокенсбери. Југозападниот Сиднеј е под вода, а метеоролошката служба предвидува дека нивото на водата во областите Северен Ричмонд и Виндзор, северозападно од Сиднеј, ќе достигне уште повисоки нивоа од претходните три големи поплави во периодот од март 2021 година.

Бидете информирани следете не на Facebook