Силен земјотрес во Индонезија: Најмалку 26 мртви и стотици повредени, страв од цунами

19

Најмалку 26 лица загинаа, а повеќе од 600 се повредени во земјотресот со јачина од 6,2 степени по Рихтер што го погоди индонезискиот остров Сулавеси.

Епицентарот се наоѓал на 36 километри јужно од Мамују, главниот град на провинцијата Западен Сулавеси, на длабочина од 18 километри. Тектонскиот удар траел околу седум секунди.

Шефот на индонезиската служба за метеорологија и геофизика, Двикорита Карнавати, изјавил дека се регистрирани скоро 30 последователни земјотреси и предупредил дека некои од земјотресите може да бидат доволно силни за да предизвикаат цунами. Повикувајќи се на службата за спасување, АФП објави дека болницата во градот е уништена, а во него биле заробени пациенти и медицински работници. Евакуацијата е во тек.

Истата област беше погодена од земјотрес со јачина од 5,9 степени по Рихтер во четвртокот, кога беа оштетени неколку згради.