Силите ветија дека ќе престанат да војуваат во Либија (ВИДЕО)

6

Германската канцеларка Ангела Меркел кажа синоќа дека сите држави што имаат интереси во долгогодишниот конфликт во Либија се согласија да го почитуваат досега занемаруваното ембарго на продажба на оружје кое во иднина треба да биде подобро контролирано.

Учесниците на вчерашниот самит во Берлин се согласија повеќе да не им пружаат воена помош на завојуваните страни додека трае примирјето, кажа меркел по четири часа разговори во Берлин.

„Договоривме сеопфатен план за напредок“, кажа Меркел. „Можам да кажам дека сите учесници конструктивно соработуваа. Сите се сложивме дека треба да го почитуваме ембаргото на продажба на оружје и дека тоа ембарго треба да биде подобро контролирано“, кажа германската канцеларка.

Таа истакна дека сите учесници на конференцијата се договориле повеќе да не им пружаат воена поддршка на завојуваните страни.

Меркел вчера беше домаќин на самитот на кој учествуваа претставници на завојуваните страни во Либија, генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш и лидери на уште 11 држави вклучувајќи ги Владимир Путин, Реџеп Таип Ердоган, Борис Џонсон, Емануел Макрон и шефот на американската дипломатија Мајк Помпео.

Двајцата најголеми либиски ривали исто така беа вчера во Берлин, премиерот Фајез Сарај и генералот Калифа Хафтар. На прашањето на новинарите дали Сарај и Хафтар учествувале во преговорите, Меркел кажа: „Разговаравме со нив одвоено бидејќи разликите меѓу нив се толкави што тие во моментов не разговараат директно еден со друг“.

Шефот на германската дипломатија Хеико Мас кажа синоќа дека „потписите нема да бидат доволни и дека работата тукушто почнува“, но го пофали „духот на соработката“.

Улогата на странските држави во конфликтот во Либија дојде во фокусот во последните месеци, откако Турција усвои контроверзен закон за распоредување трупи во Триполи кои би им помогнале на силите на премиерот Сарај кои се под удар на Либиската национална армија, предводена од генералот Хафтар.

Хафтар, кој го контролира истокот на Либија, има поддршка од Египет, Обединетите Арапски Емирати, руски платеници и африкански трупи.

Во саботата, специјалниот претставник на ОН во Либија, Гасан Саламе, ги повика меѓународните сили да прекинат со поддршката на локалните посреднички групи во Либија, испраќајќи платеници, оружје, пари и директна воена поддршка.

Тој за Би-би-си кажа дека таквите постапки создаваат „злокобен круг“ во кој големите сили предизвикуваат конфликти а нивните амбиции доведуваат до нови поделби во Либија. Саламе кажа и дека во Либија дошле и 2.000 милитантни од сириската граѓанска војна.

За клучни играчи во Либија се сметаат Турција и Русија, кои неодамна иницираа примирје и во Москва организираа минисамит на спротивставените страни.

Путин и Ердоган, кои во Либија поддржуваат различни страни, вчера се сретнаа на маргините на конференцијата во Берлин, а рускиот претседател по таа средба кажа „не ја губиме надежта дека дијалогот ќе продолжи и дека конфликтот ќе биде решен“.
Во колумна, која во саботата ја објави Политико, Ердоган ја повика Европа да ги поддржи напорите на Турција во Либија и да ѝ пружи воена поддршка на владата на Сарај.

Претходно вчера, либиската Национална нафтена корпорација соопшти дека под команда на Хафтар затвориле две клучни нафтени полиња на југозападот на земјата, откако претходно ги затвориле сите источни терминали за извоз на нафтата. Корпорацијата соопшти дека сега се оперативни само поморските платформи и еден помал извор.