Силјановска Давкова: По 15-ти јули ќе се обнови судството и институциите, ќе завладее словото на законот и Уставот

12

Вчера носител на изборна единица 1, проф. Гордана Силјановска Давкова оствари средба со граѓани во Општина Кисела Вода каде што им порача дека се ближи крајот на оваа криминална влада, а по 15-ти јули ќе се обнови судството и сите други институции кои ќе започнат да работат по словото на законите и Уставот.

„Не смее Собранието да се меша во судството. Не смеат политичарите да се мешаат. Не може премиер да биде претседател на тело за судски реформи, а поим нема од право, ниту пак смее. Може само експерт на тоа тело да стави. Видовме нели објаснуваше расцветало судството, распупило, ама ете каде е за жал овена, слана го стресе. Ама Социјалдемократска слана го погоди судството“, појасни Силјановска Давкова.

Силјановска Давкова додаде дека тоа важи и за другите институции кои станаа марионета на оваа влада. Институција во секоја нормална држава е силна, не потклекнува пред властодршци, туку се води по словото на законите и Уставот. Силјановска Давкова се осврна и на програма „Обнова за Македонија“ и кажа дека таму стои доста е до носење на закони по скратена постапка, доаѓа крајот на носење на закони без дијалог.

„Законот за Јавно обвинителство, нели брзавме со Законот. Кога ќе сме го донеселе, ќе сме добиеле почеток на преговори. Но каде е сега почетокот на преговорите кои ги ветуваше оваа Влада? Законот за Јавно обвинителство беше по мерка на СЈО, верувајте ми, за да се трансформира нивниот однос. Бидејќи беа тие дел од нивната дружина“, потсети Силјановска Давкова.

Силјановска Давкова посочи дека на сите злоупотреби на оваа власт што ги направи им доаѓа крај. Крајот на оваа влада се гледа. На 15-ти јули кога ќе победи „Обнова на Македонија“ ќе започне обновата на Република Македонија, ќе започне да владее законот и Уставот.

„На програмата пишува обнова, а тоа значи обнова на самопочитта. Ако не се почитувате, никој нема да ве почитува. Ако не си го почитувате народот, нема да ве почитуваат. Ако не си ја почитувате нацијата, нема да ве почитуваат. Ако не го почитувате правото, ќе го кршат и тие. Ние мора еднаш да покажеме дека сме нормална, пристојна, доследна Европска држава, која наликува на останатите“, порача Силјановска Давкова.

ПРЕТХОДНО