Симовски за пописот: Системот е апдејтиран и рестартиран и нема веќе да има проблеми

6

Досега не е изречена ниту една казна за одбивање за попишување, вели директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, додавајќи дека според податоците до утрово, попишани се околу 150 000 лица.

За вчерашниот проблем со кој се соочија попишувачите, поради кој и самиот процес беше прекинат извесно време, Симовски вели дека е технички кој бил предвиден и од администраторите на апликацијата и од интернет -провајдерот и брзо се реагирало.

„Денеска беше направен апдејт и рестарт на целиот систем, за да се отстранат сите багови. Денешниот рестарт е за да нема веќе вакви случаи. За техничкиот проблем од вчера најдено е решение и процесот продолжи“, изјави Симовски кој денеска беше во Куманово во посета на регионалниот центар.

Тој ги отфрли како неточни информациите, дека по отстранување на техничкиот поблем вчера, во системот се појавиле дуплирани податоци, кои попишувачите морале да ги бришат, истакнувајчи дека такво нешто не е можно, бидејќи попишувачите не можат да го знаат тоа, бидејќи не се во базата.

Симовски оцени дека здравствената состојба на попишувачите сега е добра и се надева дека така и ќе остане. А за тоа дали имаат листа на лица кои се во изолација, рече дека имиња немаат и не можат ни да имаат, бидејќи се тоа лични податоци, но попишувачите ќе добијат адреси на лица кои во тој момент се во изолација и со нив ќе се договорат кога ќе може да се спроведе пописот, според протоколите за такви ситуации.