Синдикати и здруженија на граѓани најавуваат протести против поскапувањето на струјата

5

Регулаторната комисија ги слушнала жестоки реакции од страна на синдикатите, политичките партии и граѓаните за одлуката за покачување на струјата од 7,4 проценти, но велат дека немаат механизам да ја корегираат.

За Канал 5 од таму, велат дека нивна работа е да ја регулираат цената според пријавените трошоци, но ја повикаа државата да изнајде решение да се анулира ова зголемување, а како предлог даваат да се намали ДДВ-то.

-Ги повикуваме пратениците и владата да разгледаат решенија и да направат соодветна анализи во однос на ДДВ-то за да се анулира ова зголемување.- Регулаторна комисија

Дали ваквиот предлог е решение став побаравме од Министерството за финансии, но таму беа целосно изненадени. Велат дека данокот не е причина за зголемување на цената на струјата, па оттаму не може да биде ниту решение.

-Решението е во подобрување на деловните перформанси на компаниите кои побараа зголемување на цената на струјата. Буџетот на државата не смее да служи за анулирање на деловни одлуки кои довеле до барање на зголемување на цената. Имено се прашуваме, дали при следно барање за покачување на цената на струјата нема да се побара целосно укинување на ДДВ-то. – велат од Министерството за Канал 5.

Во меѓувреме, гневот кај граѓаните продолжува.. велат дека поскапувањето во време на пандемија и економска криза не е логично, а очекуваат да скокаат и останатите цени како домино ефект на оваа одлука.

Дека поскапувањето на струјата може да предизвика спира на други поскапувања, веќе навестија од Независниот синдикат на градежни работници, инженери и трговци. Тие најавија дека ќе организира мирен протест поради одлуката за зголемување, нарекувајќи ја истата недомаќинско работење.

-Пресметав дека мојот џеб како просечен работник во текот на една година ќе се оштети за 500 денари. Не смееме да дозволиме покачување на платите од наши џебови, кое е популизам, а сега сакаат да го вратат. – Атанас Трајковски – Претседател на НСГРИТ

Од регулаторна наведоа дека причина за поскапувањето е тоа што енергетските компании побарале да се зголеми цената, поради зголемените трошоци, како и ударот од коноронакризата. За ваквата одлука веќе од денеска на социјалните мрежи се најавуваат протести во Чаир, Тетово и Гостивар.