Синдикат на полицијата: Зошто специјалци се праќаат да обезбедуваат куќарки?

25

Незаконски беа решенијата на министерот за внатрешни работи со кои полициски службеници без никаков правен основ добија решенија за распоредување надвор од нивните места на живеење. Но, апсурдот да е уште поголем, деновиве истото се случува во Одделот за специјални полициски операции, реагира Синдикатот на полицијата на Македонија.

„Повторно „по предлог“ на раководител, а во согласност со директорот на Бирото за јавна безбедност во МВР доделени се повеќе од 20 решенија за припадници на Единицата за специјални задачи – ЕСЗ и на ЕБР со кои долгогодишни специјалци и инструктори со поминати највисоки видови на обука по светски стандарди, без никаков повод и причина се распоредени и ставени во куќарки да чуваат објекти.

Уште не добивме одговор ни за првата тура решенија зошто работници од секторите за внатрешни работи добија незаконски решенија надвор од своите места на живеење, а сега специјалци и инструктори со повеќе од 20 години работно искуство се прераспоредуваат без никакво образложение. Државата потрошила огромни суми пари за да поминат безброј обуки и сето тоа се фрла во вода. Од кои причини ги распоредувате? Го прашуваме директорот на БЈБ со која цел се распоредени специјалците. Дали знаете дека со ова сериозно се влијае на безбедноста на државата заради недостаток на стручен кадар како специјалци како во ЕСЗ, така и во ЕБР? Свесно ја ослабувате ЕСЗ. Од Единицата за брзо распоредување – ЕБР долгогодишни специјалци се ставени да обезбедуваат куќарки. Има ли крај ова лудило почитуван директоре и почитуван министре?

Ги прашуваме и членовите на т.н. „единствен репрезентативен синдикат во МВР“ кои се дел од овие комисии: што правевте при донесувањето на одлуките за распоредување на наведената категорија на работници како во овој, така и во изминатиот период? Дали барем еднаш се спротиставивте на некое незаконско решение?“, се вели во реакцијата на Синдикатот на полицијата во Македонија.