Синиша Алексовски два пати се сретнал со Заев: Му реков да не го злоупотребува моето име за “Монструм”

37

Синиша Алексовски, поранешниот советник во Кабинетот на претседателот, Ѓорге Иванов чие име беше споменувано во случајот “Монструм” се сретнал со поранешниот премиер Зоран Заев кој тврдеше дека има снимки за овој случај.

На средбите Алексовски побарал од Заев да не го злоупотребува неговото име и да не го поврзува со овој случај. Поранешниот советник пред судот тврдеше дека токму Заев на средби со семејствата на жртвите тврдел дека телефонот на Алексовски бил најден кај езерото и дека автомобилот “опел омега” кој бил користен за убиството бил користен од единицата Алфи, чиј командант до 2009 беше Алексовски.

-Со премиерот Заев имав две средби за случајот “Монструм”. Последната во Кабинетот на Иванов и втората во Кабинетот на Заев. Првата средба беше на мое барање, втората на негово барање. На средбата беше соочен со извештаите кои ги имавме и баравме објаснување за гласините. Негираше дека мене лично ме спомнал, рече дека до него доаѓале многу информации. Побарав од него да прекине да го злоупотебува моето име и одговори потврдно, рече Алексовски.

Тој му порачал за возилото да провери кај командантот на “Алфите” кој го поставил тој, Примислав Димовски кој бил во единицата од 2007.

Алексовски рече дека и на Заев и на семејствата им кажал дека телефонот кој го користел кога се случило убиството се уште го поседува дома и дека ја користи истата сим картичка.

За дел од обвинетите имал полициски информации уште кога бил командант, Фејзи Азири, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ.

Тој откри дека обвинетиот Алил Демири бил врска со еден од обвинетите поврзан со грабежот во Прокредит банка.