Сите пратеници на ДУИ ќе гласаат за Владата

75

Нема промена во министерските предлози на ДУИ и нема несогласувања, вели партискиот лидер Али Ахмети. Изборот на Владата се очекува во деновите од викендот, пишува Дојче веле.

Завршиле недоразбирањата во Демократската унија за интеграција, тимот на предложени министри останува ист и сите 15 пратеници на партијата ќе гласаат за изборот на новата Влада. Ова за ТВ „21“ и за ТВ „Клан“ вчера го потврдил лидерот на ДУИ.

„Кабинетот останува ист, нема промена во имињата“, изјавил Али Ахмети за ТВ „21“.

И покрај бројните информации за незадоволство во неколку ограноци на ДУИ околу предложените кандидати за министри, партијата останала на предлозите за кои претходно добила зелено светло од партиските органи. Во неформален разговор за ТВ „Клан“, Ахмети објаснил дека „дебатите за формирање на власта се дел од функционирањето на внатрешната партиска демократија“ и дека нема промени во министерскиот тим на ДУИ. Според тоа, во новата влада партијата ќе ја претставуваат Фатмир Бесими (финансии), Бујар Османи (надворешни работи), Артан Груби (вицепремиер и министер за политички систем), Насер Нуредини (животна средина), Крешник Бектеши (економија) и Јетон Шаќири (информатичко општество и администрација)

„Овој тим ужива поддршка од целата наша парламентарна група“, рекол Ахмети.

Има многу шпекулации, но ниту една официјална потврда за тоа како Ахмети го амортизирал незадоволството кај пратеници кои се заканувале дека нема да гласаат за Владата ако од списокот со кандидати за министери не биде тргнато едно име. Особено што меѓу незадоволните беше и висок партиски функционер – потпретседателот Изет Меџити. Според шпекулациите, партиските ограноци кои според резултатите му донеле најмногу гласови на ДУИ, ќе бидат во преден план за други позиции, а може да сметаат и на влез во владиниот кабинет при потребата од евентуални кадровски промени, доколку тоа го наложи првичната оценка за работата на оние коишто сега се предложени за министри.