Сите француски синдикати првпат заедно на улица против пензиската реформа

11

Сите синдикати во Франција првпат заедно излегуваат на улица и на разни собири протестираат против најавената пензиска реформа со надеж дека ќе извршат притисок врз властите, на 13-тиот ден од штрајкот, кој ги парализира повеќето градови.

Претставниците на синдикатот во средата беа повикани во Владата на разговори, објави Радио франс инфо.

Собирите веќе почнаа во некои делови од земјата, но во вечерните часови се очекува да пристигнат уште повеќе граѓани.

Противниците на универзалниот пензиски систем, наместо досегашните 42 режими, сакаат со новите протести да извршат силен притисок врз властите, особено по оставката на Жан-Пол Делавоа, иницијатор на проектот за реформи, осомничен за судир на интереси.

Ова е трет протест од почетокот на декември. На првиот собир, на 5 декември, имаше повеќе од 800.000 луѓе низ цела Франција. На 11 декември имаше околу 339.000, но во вторник излегуваат претставници на сите синдикати, дури и оние што досега ги поддржуваа реформите што ги вети претседателот Емануел Макрон во изборната кампања.

Паралелно со протестите, веќе 13-ти ден по ред се одржува штрајк на железницата низ цела Франција, а во Париз не се во функција повеќето линии на метрото. Поради штрајкот на метрото, во главниот град има голем сообраќаен метеж.

Француските медиуми се сомневаат дека ситуацијата ќе се подобри до божиќните празници. Според анкетите, 62 проценти од Французите го поддржуваат штрајкот, но повеќето сакаат „примирје“ за време на празниците.