Ситуацијата со корона-кризата во Бугарија станува критична

3

Според здравствените власти во Бугарија, 93,87 отсто од 310 починати лица како последица од компликации предизвикани од коронавирусот биле невакцинирани. Бугарија бележи рекорди катадневно со новозаразени лица од почетокот на пандемијата. Изминативе 24 часа се евидентирани 6.007 новозаразени што е 12,05 отсто од вкупно направените 49.862 тестови. Во болниците се примени 1.341 лице од кои 90,16% не се вакцинирани. Вкупно на лекување во болниците има хоспитализирани 8.030 пациенти, а вкупниот број активни случаи во земјата е околу 100.000. На интензивна нега се 669 лица.Бројот на вкупно починати лица од почетокот на пандемијата се искачи на 24.309.

Министерот за здравство, Стојчо Кацаров и претставниците на струковите организации на Бугарија изутринава излегоа заедно со предупредување до граѓаните: „Ситуацијата е критична. Вакцинирајте се!“ Во Бугарија е многу силно антиваксерското лоби.

Откако првите денови по воведувањето на ковид сертификатите за влегување во затворен простор нагло се зголеми интересот за вакцинација, последниве неколку дена тој повторно опадна – вчера биле администрирани 14.545 дози. Бројката на вакцинираните од вкупното население е малку над 20 отсто.