„Си-Ен-Ен“ објави снимка во која Трамп признава дека сакал да ја намали заканата од Ковид-19 (АУДИО)

22

Американскиот претседател Доналд Трамп отворено изјавил оти сакал да ја намали заканата од коронавирусот, истовремено признавајќи дека е опасен, покажува новата книга на новинарот Боб Вудворт.

Објавувањето на делови од неговата книга се случува на осум недели до претседателските избори во САД, а човекот кој ја откри аферата „Вотергејт“ предизвика остра реакција на претседателскиот кандидат на демократите, Џо Бајден кој предупреди дека „тоа било предавство на американскиот народ“.

 

Трамп, во аудио снимката што ја објави „Си-Ен-Ен“, признава дека од коронавирусот не умираат само возрасните лица, туку и млади и дека се појавиле нови изненадувачки факти.

– Секогаш сакав да ја намалам“, вели Трамп во еден дел од телефонскиот разговор со новинарот Вудворт на 19 март кој е објавен и во книгата со наслов „Бес“.

– И сега сакам да ја намалам, бидејќи не сакам да кревам паника“, додал Трамп.

Неколку недели претходно, поточно на 7 февруари, Трамп на Вудворт му рекол дека Ковид-19 е „убиствена работа“.

Поради управувањето со пандемијата на Ковид-19 во САД во кои починаа повеќе од 189.000 лица, Трамп се најде на удар на остри критики во јавноста, од неговите политички опоненти, но и од научници, па и од некои републикански претставници.

Го обвинуваат дека испраќал противречни и нејасни пораки, но и дека не покажал сочувство за последиците што ги предизвикал вирусот. Голем дел од Американците, во неколку анкети, остро ги осуди неговите постапки на тоа поле.

Книгата на Вудворт треба да излезе на 15 септември и се базира на 18 разговори на Боб Вудворт меѓу декември во 2019 година и јули оваа година што биле снимени со дозвола на Доналд Трамп.