Скандал во мисијата на Македонија во ОБСЕ: Србите уапсиле македонски дипломат

629

Пред неполна недела српската полиција го уапсила дипломатот Миле Миленкоски, а овој настан продолжува да се замолчува од надлежните органи. Неофицијално, весникот КОХА дознава дека македонскиот дипломат е обвинет за сериозни обвиненија за спасувачка операција на контроверзен ерменски олигарх во 2018 година.

Скопје, 3 Септември – Пред неколку дена српската полиција приведе висок македонски дипломат, но оваа вест продолжува да се чува на тајност од страна на властите во земјата.
Станува збор за заменик-шефот на македонската мисија на ОБСЕ во Виена, дипломатот Миле Миленкоски. Како што дознава весникот КОХА од неофицијални извори, станува збор за меѓународна потерница издадена од австриската полиција, за стар прекршок што датира од 2018 година, а кој по секоја веројатност вклучува високи безбедносни структури на Македонија.

Миле Миленковски е осомничен дека пред три години организирал патување во Ереван, Ерменија, заедно со уште двајца македонски дипломати (нивниот идентитет познат за редакцијата), за евакуација на висока ерменска личност, осомничен во неговата земја за злоупотреба на милиони евра.

Мотивите на оваа акција не се познати, но сомнежите се дека истата е направена со знаење на високите безбедносни структури во Македонија. Имено, уапсениот Миле Миленкоски, заедно со уште двајца дипломати (С.С.) и (В.С.), за оваа спасувачка мисија на контроверзниот Ерменец, позајмиле приватен авион со кој патувале за Ерменија. Претходно, како покритие тие во забрзана постапка регистрираа невладино здружение за лица со посебни потреби, за учество на една конференција на оваа тема.

УСПЕШНА АКЦИЈА

Оваа нивна мисија во 2018 година била успешна и контроверзниот Ерменец, кој меѓу другото, се сомнева дека бил вмешан во перење пари и присвојување на многу државни имоти во неговата земја, со приватниот авион е доведен на сигурно место.

Како што тврдат нашите извори, оваа шпиунска спасувачка операција е откриена тогаш, но со брза дипломатска реакција и на безбедносните структури на земјите вклучени во овој случај, овој случај е замолчен, кога одеднаш сега, повторно се активира од австриските власти.

Врз основа на нивната потерница, минатата недела – Миле Миленкоски бил уапсен во Врање, Србија, придружуван од неговиот колега (В.С.), кој сега е пензиониран дипломат, но кој бил дел од операцијата во Ерменија во 2018 година. И двајцата се притворени од страна на српските власти.

КОЈ Е ДИПЛОМАТОТ МИЛЕНКОСКИ?

Миле Миленкоски е познат и по други скандали за време на неговото вклучување во дипломатијата во земјата. Тој беше осомничен дека бил вмешан во финансиска измама во македонскиот конзулат во Детроит, од каде потоа бил префрлен во Чикаго. Таму, тој физички се пресметал со генералниот конзул, и потоа е испратен во Вашингтон.

Подоцна, по серијата расправии и инциденти, Миле Миленкоски се врати во Скопје на барање на поранешниот амбасадор во Вашингтон, Зоран Јолевски. Во 2017 година, тој се приклучи на Македонската мисија на ОБСЕ во Виена, како заменик на тогашниот амбасадор, Кире Илиовски, со кого се вели дека имал и физичка пресметка.

Скандалот со Ерменија се случи за време на неговата мисија во Виена. И покрај сите овие инциденти, пред неколку месеци Миле Миленкоски повторно беше реизбран на конкурсот на МНР за заменик шеф на Мисијата на Македонија во ОБСЕ во Виена. Покрај тоа, за неговото назначување овојпат се вели дека било направено без одобрение од раководителот на Дирекцијата за правни и конзуларни услуги при МНР. Тоа е затоа што Миленкоски се смета за „силен“ бидејќи ужива политичка поддршка и на највисоките безбедносни структури во земјата, велат нашите извори.

За случајот, весникот КОХА побара да обезбеди официјален став на македонското Министерство за надворешни работи и Министерството за правда, но до затворање на весникот, ниту еден официјален орган на земјата не ги потврди или негираше овие податоци за весник КОХА.

Од Министерството за Правда викаат дека до сега нема пристигнато известување за апсење на лицето за кое прашувавме.

“Министерството за правда не може официјално да контактира со странски институции врз основа на неофицијални информации”, изјавија кусо од Правда.