Скопје, Куманово, Тетово, Прилеп и Битола со најмногу заболени од Ковид-19

1

Скопје, Куманово, Тетово, Прилеп и Битола се градови со најголем опфат на заболени од КОВИД-19. Во државата доминира делта-сојот, додека новиот омикрон уште не е регистриран. Засега остануваат да важат истите мерки, а надлежните апелираат на помасовна вакцинација, која е единствениот спас од пандемијата.

Вкупниот број на случаи годинава заклучно со 7 декември е 134.460. Од нив, починати се 4.784, или 3,56 отсто, информираше вчера епидемиологот Драган Кочински од Институтот за јавно здравје на онлајн сесија со новинари. Тој потсети дека првиот регистриран случај е на 26 февруари минатата година, а прв регистриран кластер е во Дебар. Во 2020 година имало вкупно 83.734 случаи, а починале 2.904, или 3,47 отсто.

Кочински посочи дека поголем ризик за смрт постои кај мажите, бидејќи 59,5 отсто од починати се мажи, а 50,8 проценти се жени.

Од заболените, доминира возрасната група на 60 години. Во поголемите градови се регистрирани и најголем број на починати, но поголема смртност има и во други градови, на пример Струга, Крива Паланка, Крушево. Во Скопје во моментов има најмногу активни случаи.

Карактеристично е тоа што, како што напомена вчера Кочински, во централниот дел на државата има најмногу заболени со КОВИД-19.

Максимален број на ПЦР и Брз рапид тест направени во текот на еден ден се 9.296 тестови.

Во Кавадарци, Неготино и Охрид има највисок опфат на вакцинирани со две дози, а најнизок во Дебар, Струмица и Гостивар.

Според надлежните, вакцинацијата останува единствен реален излез од епидемијава.

Што се однесува до мерките за вакцинација во регионот, во Грција се воведени одредени промени во однос на сертификатите за вакцинација и прележан КОВИД-19, а се однесуваат и на туристите.

Поточно, станува збор за забрана за влез во затворени простори за лицата над 60 години кои не примиле трета доза, а поминале седум месеци од вакцинацијата, што стапува во сила од понеделник и намалување на три од шест месеци на потврдата за прележан КОВИД-19 од февруари следната година.

Овие две нови мерки важат и за посетителите и за туристите во земјата.

Освен апелите за вакцинација, здравствените лица се фокусирани и на создавање на лек против КОВИД-19, со кои би се избегнале компликации кај инфицираните. Кина вчера одобри нов лек, кој се заснова на моноклонални антитела кои се врзуваат за шилестиот протеин на коронавирусот, намалувајќи ја неговата способност да навлезе во клетките.

Клиничките испитувања покажуваат дека лекот го намалува ризикот од хоспитализација и смрт на пациенти кои може да развијат потешка форма на КОВИД-19.

Во Кина, која дозволува употреба само на домашни вакцини, вакцинирани се повеќе од 70 отсто од населението.

Во меѓувреме, во светот повторно постои загриженост од ширење на КОВИД-19. Светската здравствена организација (СЗО) е со страв дека омикрон ќе предизвика нова акумулација на вакцини.

Поточно, СЗО вчера изрази загриженост дека богатите земји, кои се загрозени поради појавата на сојот Омикрон, би можеле да ги зајакнат напорите за складирање на вакцини против КОВИД-19.

Ова, како што се претпоставува, повторно би предизвикало проблеми во глобалниот синџир на снабдување и би ги усложнило напорите за сузбивање на пандемијата.

И Агенцијата за ОН за деца (УНИЦЕФ) ја оцени ковид-кризата како најтешка во последните 75 години.

Во својот извештај, УНИЦЕФ наведе дека КОВИД-19 го загрозил повеќедеценискиот напредок во однос на клучните прашања кои ги загрозуваат детствата на децата во светот, како што се сиромаштија, пристап до образование, неухранетост и душевна благосостојба.

Извршната директорка Хенриета Форе рече дека негативното влијание од КОВИД-19 продолжува да се продлабочува, зголемувајќи ја сиромаштијата, нееднаквоста и загрозувајќи ги детските права.

Инаку, кај нас не се намалува бројот на заболени од КОВИД-19. Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани нови 167 случаи на КОВИД-19, од направени 1.478 тестирања. Оздравени се 275 пациенти, а починати седум лица.

Од новодијагостицираните случаи, во Скопје се 110, Кавадарци и Кочани по 9, Гевгелија 7, Битола – 5, Куманово, Прилеп и Охрид по 3.

Досе га во земјата се направени вкупно 1.493.451 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 218.362, бројот на оздравени пациенти е 204.960, на починати е 7.695. Вкупно има 5.707 активни случаи.