Случајот за ученичката Ембла од Гостивар ќе го испитува Народниот правобранител

25

По објавата на случајот за 11-годишната ученичка со Даунов синдром, Ембла Адеми од Гостивар, која не била прифатена од родителите на учениците од класот и наставата ја следела во посебна просторија, Народниот правобранител по сопствена иницијатива формира предмет и испрати тим во училиштето за да го испита случајот.

Како што се наведува во соопштението на Народниот правобранител, случајот со Ембла покажува голема незрелост на општеството, кое ни оддалеку не е подготвено во пракса да ја имплементира домашната и меѓународната регулатива која се однесува на инклузивноста на овие лица во секојдневниот живот.

Според Народниот правобранител, недозволиво е овие ученици да бидат жртва на непоготвеноста на поединци да ги прифатат различните и да им биде отежнат пристапот до образовниот процес, кој со Устав и со закон им е гарантиран на сите подеднакво, без елементи на каква било дискриминација.

Народниот правобранител ги охрабрува родителите за ваквите случаи да не молчат, туку да се обратат до институциите, со цел навремена заштита на правата на нивните деца гарантирани со законите.

Ембла Адеми, 11-годишното девојче Гостивар, повторно седна во училишните клупи откако на првиот ден од второто полугодие не беше во можност зашто родители на други деца ја бојкотирале наставата, бидејќи не сакале нивните деца да учат со неа. Ембла има Даунов синдром, а бојкотот на родителите бил бидејќи се жалеле на агресивност од нејзина страна. Тие покренале петиција во која напишале дека одлуката да не ги пуштаат своите деца на настава ја донеле „поради попречување на наставата од страна на ученичката Ембла Адеми и поради агресивност“.