Собранието ги подготви заклучоците за францускиот предлог, нема потреба од промени во преговарачката рамка

1

Собраниските служби ги подготвија предлог заклучоците за владината информација за францускиот предлог. Според она што го подготвува собраниското мнозинство, оваа информација треба лесно да помине на сѐ уште незакажаната пленарна собраниска седница, со што македонската влада добива задача како да се однесува, но не и да се промени преговарачката рамка. Рокот да се заврши целата процедура е 22 јули кога почнуваат летните одмори во Европската комисија (ЕК).

Собранието ѝ дава задача на Владата доследно да се придржува кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ како елементи за кои не се преговара.

Како што дознава МКД.мк, собраниската седница планирано е да се одржи утре или задутре, а веќе се обезбедени гласовите на околу 70 пратеници (СДСМ, ДУИ, Алтернатива, ДПА и АА). Сѐ уште не се знае како би гласале пратениците на ДОМ, ДС и ЛДП, партии кои се дел од владината коалиција. Можно е расправата на пленарната седница да трае два, три дена.

Сценариото предвидува Бујар Османи, македонскиот министер за надворешни работи, веднаш по прифаќањето на заклучоците од Собранието, да замине за Софија (или Брисел) за да го потпише протоколот со Бугарија.

Следува известувањето на Владата до ЕК дека преговарачката рамка е прифатена и до 22 јули да се одржи формалната меѓувладина конференција, дознава МКД.мк од пратенички извори.

Во предлог-заклучоците кои МКД.мк ги поседува, пишува дека „Собранието на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата на Владата на Република Северна Македонија за содржината на предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со ЕУ предложена од страна на претседателството на Франција со Советот на ЕУ на 30 јуни 2022 година.

Собранието на Република Северна Македонија ја прифаќа преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со ЕУ предложена од страна на претседателството на Франција со Советот на ЕУ на 30 јуни 2022 година.

Собранието на Република Северна Македонија ја задолжува Владата на Република Северна Македонија доследно да се придржува кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ како елементи за кои не се преговара, односно не се дел од преговарачкиот процес за полноправно членство на Република Северна Македонија во ЕУ. Владата на Република Северна Македонија да постапува целосно во согласност со стратешките определби на земјата за интеграција и полноправно членство во Европската Унија и да ја прифати понудената преговарачка рамка со Европската Унија, со исклучување на билатерални историски и образовни елементи во рамката, и со безусловно и целосно почитување и заштита на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ во текот на целокупниот процес на преговори со ЕУ како државни и темелни вредности за кои никој не смее да преговара во кое било време и околности.

Владата на Република Северна Македонија да го задолжи преговарачкиот тим за водење на преговорите со ЕУ, преговорите да ги водат врз основа на рамноправна и принципиелна основа, почитувајќи ги нормите на меѓународното право и со безрезервно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ.

Во текот на преговорите, првенствено и целосно да се постапува врз основа на Резолуцијата усвоена во Собранието на Република Северна Македонија од 29 јули 2021 година, со целосно и континуирано застапување и почитување на консензуално прифатените позиции за особеноста на македонскиот народ, македонскиот јазик и македонската национална, културна, историска и духовна засебност.

Владата на Република Северна Македонија да го задолжи преговорачкиот тим за спроведување на процесот на преговори за членство со Европската Унија, континуирано и по потреба и барање, да го информира редовно Собранието, како и задолжително да поднесува годишен извештај за прогресот на процесот до Собранието на Република Северна Македонија.

Целиот текст прочитајте го на МКД.мк.