Собранието навреме ќе го ратификува Протоколот за членство во НАТО

4

Претседателот на Собранието Талат Џафери вели дека Протоколот ќе се ратификува до 12 февруари, при што по формирањето на Владата на Шпанија, сега и кај нас е полесна и појасна процедурата.

Протоколот за членство во НАТО ќе се ратификува навреме во републичкото Собрание, откако шпанскиот премиер Педро Санчез вчера положи заклетва како премиер, со што пак се отвори патот за преостанатата ратификација на Протоколот, по што Северна Македонија ќе стане 30-та членка на Алијансата.

Претседателот на Собранието Талат Џафери вели дека Протоколот ќе се ратификува до 12 февруари, при што по формирањето на Владата на Шпанија, сега и кај нас е полесна и појасна процедурата. Смета дека не треба да се брза со предвремена ратификација

– Во овој момент нема потреба да се брза со предвремена ратификација. Владиниот предлог е во собраниска процедура и нема индиции дека е неопходно предвреме да се постапува, изјави Џафери за ТВ Телма.

Сите парламентарните партии се подготвени да дадат зелено светло за ратификацијата на Протоколот.

Артан Груби од ДУИ вели дека Протоколот ќе се ратификува навреме, со што нашата земја ќе се приклучи во Алијансата во наредните недели.

Од друга страна, ВМРО ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и Беса го поддржуваат предвременото ратификување на Договорот за членство на Македонија во НАТО.

Дане Талески, советник за надворешна политика на премиерот и кандидат за амбасадор на Северна Македонија во НАТО, вчера изјави дека по изборот на новата Влада во Мадрид постојат стабилни политички услови за да ја затворат нивната ратификација на протоколот.
– Владата го утврди текстот за ратификација на Вашингтонскиот договор и тој е пратен во Собрание. Тоа значи дека и ние сме спремни за ратификација. Јас сум 100 проценти сигурен дека ратификацијата на Вашингтонскиот договор и нашето полноправно членство ќе го заврши Собранието во овој формат, пред да се распушти, пред да се одржат изборите и ние ќе станеме полноправна членка и формално на НАТО пред да се одржат парламентарните избори, рече вчера за Утрински брифинг Талески.
Тој потсетува дека ние веќе во последнава година учествуваме во Алијансата на рамна основа во сите формати, а тоа се виде, додава, на состанокот на лидерите во Лондон каде премиерот Заев седеше на иста маса со Трамп, Меркел и Макрон и сите останати лидери на земјите членки на НАТО.

Еден од најважните настани во 2020 година за Западниот Балкан ќе биде приемот на Северна Македонија во НАТО, наведува во својата анализа бриселскиот портал „Јуропеан Вестерн Балканс” (ЕВБ), за настани што ќе ја одбележат 2020 година на Западниот Балкан.

– Протоколот за прием на Северна Македонија во НАТО беше потпишан во февруари 2019 година, по што почна процесот на негова ратификација во националните парламенти на земјите членки. Северна Македонија речиси сигурно ќе стане 30-та членка на НАТО на почетокот на 2020 година, откако во текот на 2019 пристапниот протокол го ратификуваа 28 од 29 земји членки (на Алијансата) и остана уште само Шпанија. Бидејќи одлагањето на ратификацијата во Шпанија е последица на политичката криза во земјата, а не на некакви забелешки на членството на Северна Македонија, приемот на државата во НАТО се очекува наскоро, се истакнува во анализата на „Јуропеан Вестерн Балканс”.

Шпанскиот социјалистички лидер, Педро Санчез, вчера положи заклетва како премиер, откако Парламентот во вторникот вечерта му даде поддршка за формирање коалициска Влада, со што се стави крај на речиси едногодишната политичка криза во четвртата по големина економија во еврозоната.

Формирањето на шпанската Влада ќе го отвори патот за ратификација на протоколот за членство во НАТО со што нашата држава ќе стане 30-та членка на Алијансата.

Шпанија е последна земја што треба да го ратификува Протоколот за НАТО, по што Северна Македонија и официјално ќе биде прогласена за полноправна членка во Северноатлантската алијанса.