Собранието расправа за избор на Насер Зибери за Народен правобранител

16

Почна па прекина седницата на која требаше да биде избран и изгласан Народниот правобранител Насер Зибери.

Откако пратениците го гласаа дневниот ред на кој се најде и оваа точка поради еден глас помалку не можеше да се избере омбудсманот, а собранискиот спикер Џафери ја одложи седницата, но за сега без конкретен датум и термин.

Пред гласањето за дневниот ред, пратеникот на Алијансата за Албанците, која е во коалиција со Алтернатива, Сурија Рашиди, побара да се симне точката за избор на Зибери, за кого рече дека е кандидиран за функцијата од политички причини.„

„Постапката за избор на народен правобранител беше спроведена крајно нетранспарентно, така што сега имаме кандидат кој е предложен од една од партиите на власт и кој само пред шест месеци одеше на избори како кандидат за премиер.“ – изјави Сурија Рушиди Алијанса за Албанците.

Сепак, барањето на Алијансата за Албанците не доби мнозинска поддршка и кандидатурата на Зибери остана во агендата, со објаснување од спикерот Џафери дека дополнително ќе биде закажано продолжение на седницата што почна денеска.

Функцијата народен правобранител е испразнета подолго од еден месец. Иџет Мемети, кој 16 години ја извршуваше оваа функција, неколку дена пред истекот на неговиот втор мандат беше „прекомандуван“ во член на Советот на јавни обвинители.