Собранието ја отфрли иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за загадениот воздух

5

Координаторот на СДСМ, Јован Митревски побара итна седница за загадениот воздух. Ваквото барање на Митревски од собраниската говорница дојде откако ВМРО-ДПМНЕ ја обвини СДСМ дека се плаши да дебатира за загадениот воздух.

– Во однос на мешањето на политиката со неисполнувањето на деловничките услови. Прво сите пратеници од нашата пратеничка група сакаат да разговараат за загадениот воздух во Собранието, за да кажат што се случуваше во минатото, а што се случува сега. Информацијата на ВМРО-ДПМНЕ не е доставена до пратеничките групи, рече Митрески.

Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски посочи дека тие информацијата за загадениот воздух до собраниските служби ја доставиле во петокот. Мицевски посочи дека до денеска собраниските служби требало да ја достават до сите пратеници.

– До тука ви се интересите, инсистирам да се стави иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ како точка на денешниот дневен ред. Срамота е за парламентарното мнозинство да не разговара за воздухот. Денеска имавме среќа заврна дожд, од утре што ќе правите“, рече Мицевски.

Спикерот Талат Џафери рече дека иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ не исполнила два услови од собранискиот Деловник. Првиот дека не поминала на координација бидејќи ВМРО-ДПМНЕ ги бојкотира и второ дека седницата веќе била закажана.

Со 27 гласови за и со 42 против, Собранието ја отфрли иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за загадениот воздух.