Собранието ја почнува расправата за ребалансот на Буџетот

39

Според Деловниот, пленарна расправа трае најмногу пет работни дена и се очекува тој да биде донесен до следната недела, по што ќе почне и реализацијата на четвртиот сет економски мерки
Дополнетиот предлог за изменување и дополнување на Буџетот за 2020 година, кој содржи амандмани од комисиската расправа, од денеска е на пленарна седница.

Вкупните приходи со измените и дополнувањата се планирани на 196,3 милијарди денари, што е речиси идентично ниво во однос на планот, имајќи предвид дека со претходниот ребаланс беа проектирани на реално ниво, односно пониски за 11,5 отсто во однос на иницијалните проекции.

Вкупните расходи, пак, се на ниво од 252,8 милијарди денари или за 4,1 отсто (околу 10 милијарди денари) повисоки во однос на планот. Врз основа на вака планираните приходи и расходи, дефицитот е позициониран на 56,5 милијарди денари, односно 8,49 отсто од БДП.

Средства за четвртиот сет антикризни мерки, повеќе пари за здравството
Имајќи ги предвид настанатите околности, според предлагачот, извршени се промени во однос на иницијалните проекции на расходната страна на Буџетот, пред сè, за спроведување на активностите предвидени со четвртиот сет мерки.

Во овие рамки се обезбедени дополнителни средства во здравствениот сектор за активности кои директно придонесуваат во борбата против здравствената криза, а се однесуваат за набавка на лекови, имунизација на население и други неопходни средства и поддршка на вработените кои се директно вклучени во борбата против пандемијата.

Тековните трансфери се планирани на ниво од 177,3 милијарди денари или за околу 11,2 милијарди денари повисоки во однос на планот за 2020 година.

Се однесуваат, пред сѐ, на преземените мерки за обезбедување средства за имплементација на четвртиот пакет економски мерки донесени од страна на Владата за справување со кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот, а кои ќе имаат директно влијание врз реалната економија и директно помагање на приватната потрошувачка.

Според собранискиот Деловник, расправата за ребалансот на Буџетот на пленарна седница трае најмногу пет работни дена и се очекува тој да биде донесен до следната недела, по што ќе почне и реализацијата на четвртиот сет економски мерки.