Советот на Град Скопје не го усвои отстапувањето на Универзална сала

6

Советниците на Советот на Град Скопје на денешната 27. седница не ја усвоија иницијативата за времено отстапување на корисничкото право на објектот на Универзална сала од Град Скопје на Владата, односно на Министерството за култура.

Иницијативата, што беше поднесена од страна на коалицијата предводена од советничката група на СДСМ, не беше прифатена откако за неа гласаа само 15 советници од Советот на Град Скопје.

Градоначалничката Данела Арсовска, на прес –конференцијата пред започнувањето на седницата на Советот, одговарајќи на новинарско прашање рече дека иницијативата е покрената од советниците и дека тие треба да одлучат.

– Тоа не е одлука којашто јас како градоначалник можам или сакам да ја направам. Иницијативата беше покрената од советниците, како што впрочем тие ги покренуваат сите иницијативи и за тоа тие самите треба да одлучат. Да видиме во која насока ќе се движи дискусијата и кое е всушност барањето што претендираат да го постават на дневен ред на денешната седница на Советот, рече Арсовска.

Од друга страна, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, неколку пати досега апелираше да се реши статусот на Универзалната сала во Скопје, бидејќи Град Скопје е влезен во најтесниот круг за Европски град на културата во 2028 година.

– Владата е подготвена со сите свои ресурси да ја реализира оваа апликација, бидејќи се работи за прашање од национален интерес, изјави неколкупати досега министерката Костадиновска-Стојчевска.