Советот на јавни обвинители одлучува за Вилма Русковска

0

Советот е исправен пред тешка одлука – станува збор за чувствителен случај кој доби голем одек во јавноста, а во кој главен протагонист е шефицата на водечкото обвинителство за борба против организиран криминал.

Советот на јавни обвинители денеска ќе ја одржи 63. седница, на чиј дневен ред е само една точка – жалбата на обвинителката Вилма Русковска, која што е суспендирана од работното место. Од одлуката на нејзините колеги во Советот зависи дали Русковска ќе се врати веднаш на работното место, на кое минатата недела и беше забранет пристапот, или пак ќе остане дома и ќе ја чека разврската во однос на кривичната пријава која што ја поднесе против неа и уште две нејзини колеги поранешниот директор на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми. Додека не се разреши ситуацијата околу суспензијата на Русковска, неизвесна е и судбината на двете предистраги коишто ги водеше обвинителката – првата е за станицата за технички преглед за автобусот на „Беса транс“ во кој загинаа 45 лица, меѓу кои и деца при несреќата која што се случи во Бугарија на 23 ноември 2021 година. Вториот случај кој доби одек во јавноста е предметот отворен по анонимна пријава за Управата за финансиска полиција, што резултираше со судир со поранешниот директор Арафат Муареми, кој поднесе кривична пријава против неа и уште две обвинителки на 8 август за незаконски претрес којшто бил извршен на 18 јули.