Сондленд: По директна наредба од Трамп ја притискав Украина да ги истражува Бајденови

10

Амбасадорот Гордон Сондленд им кажа на истражителите за импичмент во Домот дека Руди Џулијани вршел притисок за „услуга за услуга“ со Украина и рече дека тој морал да се согласи затоа што наредбата дошла од претседателот Доналд Трамп. Сондленд сведочеше дека „по директна наредба од претседателот“ работел со Џулијани да ја притиснат Украина, а откри и дека Пенс и Помпео знаеле за тоа.

Гордон Д. Сондленд, републиканскиот мегадонатор што стана амбасадор во Европската Унија, денеска пред разузнавачката комисија на Претставничкиот дом изјави дека тој и другите советници на претседателот Трамп вршеле притисок врз Украина да ги испита демократите „затоа што претседателот ни даде наредба да го сториме тоа“.

Во мошне очекуваното сведочење со кое завршува четвртиот ден од јавните расправи за импичмент, Сондленд рече дека тој, министерот за енергетика Рик Пери и Курт Д. Волкер, специјалниот пратеник за Украина, не сакале да работат заедно со Рудолф В. Џулијани, личниот адвокат на претседателот, во притискањето, но се согласиле на тоа дури по инсистирање на самиот Трамп.

Сондленд, за разлика од другите републиканци што сведочеа досега, имал директен контакт со Доналд Трамп и не може лесно да биде отфрлен како недиректен сведок, вели Њујорк тајмс.

„Џулијани ги искажуваше желбите на претседателот на Соединетите Држави и знаевме дека овие истраги се важни за претседателот“, сведочеше Сондленд.

„Знам дека членовите на оваа комисија честопати ги врамуваа овие комплицирани теми во форма на едно едноставно прашање: дали постоеше ‘услуга за услуга?’. Како што сведочев претходно, во врска со бараниот состанок и повик од Белата куќа, одговорот е да.”

Сондленд, исто така, потврди дека разговарал со Трамп на мобилен телефон од преполн ресторан во Киев, еден ден откако претседателот го терал лидерот на Украина да го испита политичкиот ривал Џо Бајден.

Сондленд, најнетрпеливо очекуваниот сведок во истрагата, рече дека ги известувал државниот секретар Мајк Помпео и други високи претставници на администрацијата за сè што се случувало.

Тој рече дека тој конкретно на потпретседателот Мајк Пенс му кажал дека „е загрижен“ дека американската воена помош за Украина „станала поврзана“ со истрагите.

„Сите знаеја за тоа“, сведочеше Сондленд. „Тоа не беше тајна“.

Притисокот на Трамп врз Украина да ги испитува демократите додека тој ја држи воената помош за оваа источноевропска нација е во центарот на истрагата за импичмент што го загрозува неговото претседателство.