Сопругата на Ел Чапо уапсена во САД

26

Американската полиција ја уапси сопругата на поранешниот мексикански наркобос Хоакин „Ел Чапо“ Гузман. Ема Коронел Аиспуро е обвинета за шверц на дрога.

Сопругата на мексиканскиот наркобос Хоакин Гузман, наречен Ел Чапо, синоќа е уапсена на меѓународниот аеродром во Вашингтон поради сомнеж дека е вмешана во мрежа на растурање дрога, јавија американските власти.

Ема Коронел Аиспуро (31), која има американско и мексиканско државјанство треба денеска да излезе пред сојузен судија. Таа е обвинета дека учествувала во дистрибуција на кокаин, метамфетамин, хероин и марихуана.

Нејзиниот сопруг, кој цели 25 години беше на чело на картелот Синалоа и порано беше сметан за најмоќен нарко дилер на светот, е осуден во јули 2019 година на казна доживотен затвор плус 30 години во САД.

Судот во Њујорк тогаш го прогласи Гузман, за виновен за сите десет обвиненија во едно од најголемите судења за дрога во американската историја – вклучително и вмешаност во криминална организација, производство и меѓународна дистрибуција на кокаин и хероин, како и перење пари и употреба на огнено оружје. Тој ја издржува казната во затвор во американската сојузна држава Колорадо.

Картелот Синалоа според американските официјални лица бил најголем снабдувач на дрога во САД.