Состанок на Комисијата за заразни болести – засега нема нови мерки

14

Членовите на Комисијата за заразни болести денеска заседаваат за евентуално воведување на нови рестрикции во земјава поради заштита од ковид-19 и спречување на нов пик на болеста. Според информации на „360 степени“ од извори во Министерството за здравство, засега не е препорачано воведување на нови мерки за заштита.

Дел од медиумите претходно јавија дека тема на разговор на денешниот состанок се свадбите во затворен простор, кои би можеле да се забранат како мерка за заштита од ковид-19, особено по појавата на новите мутации како делта-сојот.

Друга мерка која изминатиов период ја препорачуваа здравствените експерти е воведување на заштитни мерки за влез во земјава како „вакцинален сертификат“, негативен ПЦР-тест или потврда за прележан ковид-19.

Министерот за здравство, Венко Филипче пак, досега беше на став дека нема потреба од воведување на нови мерки, посочувајќи дека вакцинацијата е единствениот лек за пандемијата.