Софиските медиуми шпекулираат: младиот адвокат од Пловдив, Петар Илиев – иден премиер на Бугарија

15

Познат на јавноста како влијателен адвокат закитен со признанието „Адвокат на годината“ за 2017 година, асистент по уставно право на Правниот факултет на Софискиот Универзитет „Св.Климент Охридски“, Петар Илиев, е името што се споменува како иден премиер на Бугарија. Роден пред 42 години, тој има богата биографија, во која се издвојуваат специјализациите на универзитите во Бакингам во Велика Британија и во Њујорк во САД. Зборува англиски, шпански и руски.

Освен академска кариера, Петар Илиев има и сопствен бизнис. Тој веќе 16 години e содружник во адвокатското друштво „Илиев и партнери“, прогласено за најдобра канцеларија за 2020 година.

Основач е и на неколку бизнис асоцијации, како што се Канадско-бугарската трговска комора и Карипско-бугарскиот бизнис клуб. Самиот бил заменик претседател на Британско-бугарската трговска комора, а тој раководи со Конзулатот на Барбадос во Република Бугарија.

Како што пишуваат бугарските медиуми, безуспешни се упорните обиди деновиве да се стапи во контакт со него. Тој не се јавува на својот телефон, не одговара ниту на пораки, ниту на електронска пошта.

Поранешниот претседател на бугарскиот парламент и технички премиер во владата во 2017, Огнен Герџиков, има пофални зборови за Илиев. Тој е негов колега од Универзитетот и токму Герџиков му ја има врачено наградата „Адвокат на годината“.

„Многу интелегентно момче, паметно, добро подготвено, многу квалитетен правник. Единствено, може да му претставува проблем неискуството во политиката, во власта. Мора да има добар тим советници кои ќе му помагаат, инаку ќе ‘виси’”, коментира Герџиков.

Иако формално не е член на „Има таков народ“, според зборовите на Слави Трифонов, Илиев имал огромно влијание во организацијата на референдумот во 2016 година, а со тоа значително придонел таа иницијатива подоцна да прерасне во политичко движење.

Има различни верзии за тоа кој го фаворизира Илиев. Со оглед дека е од Пловдив, се шпекулира дека е протеже на неговиот сограѓанин Пламен Узунов, секретар на кабинетот на претседателот Румен Радев, а се оди до таму да се тврди дека го турка влијателната масонска ложа од Пловдив. Сепак, како што тврдат многумина упатени, Илиев е откритие на Слави Трифонов, како чест гостин во неговите емисии.

Според медиумите, најлогична е верзијата дека Слави Трифонов и неговите советници, за да дојдат квалитетно решение, пред се, правник од кој би биле задоволни потенцијалните партнери во коалицијата, се одлучиле за Илиев. Тој, како искусен правник, треба да ги подготви и да ја води земјата низ реформите на Уставот и на правосудниот систем.