Сојуз на средношколци: Бојкот на наставата во 20 града, МОН не отстапува за државната матура

16

Планираат бојкотот да трае една недела, а тоа дополнително ќе одлучат дали ќе протестираат
Матуранти денеска не се вклучија во онлајн-наставата и го бојкотираа почетокот на второто полугодие од учебната година.

Организирани од Сојузот на средношколци тие бараат да полагаат два наместо четири (три екстерни и еден интернет предмет) од државната матура – спротивно на ставот на МОН, дека оваа година нема да има измени во бројот на испити, но дека ќе се полага по скратени програми.

Претседателот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи за МИА изјави дека според информациите од нивни ограноци, бојкот има во средни училишта во 20 града, вклучително и во Скопје, а онаму каде што немало, причина е што не биле известени.

Средношколците најавуваат бојкот на второто полугодие: Бараат 2 наместо 4 предмети за матура

Ниту по вчерашната онлајн-средба со министерката Мила Царовска не е постигнат договор за нивните барања – за државната матура да псе олагаат два предмети – мајчин јазик (македонски, албански или турски јазик) и втор предмет што ќе биде од областа која матурантот планира да ја студира.

„Како и на средбата што ја имавме во декември, министерката рече дека тоа ќе се земе предвид за новата концепција за државна матура од идната учебна година и дека Државниот испитен центар нема време сега да ги намалува“,

вели Ходаи.
Организацијата „Средношколски глас“, во меѓувреме собира онлајн-потписи за неполагање на државната матура, но Ходаи вели дека Сојузот не е за целосно укинување на матурата.

„Со нив разговаравме во декември. Ние во јануари се консултиравме со сите средношколци и одлучивме дека е добро да побараме намалување на бројот на предметите, не целосно укинување. Нашиот став беше јасен дека не може да се укине државната матура“, изјави Ходаи.

До кога би траел бојкотот и што понатаму ако нема отстапка од МОН, Ходаи одговори дека планираат една недела бојкот, а за следните чекори дополнително ќе одлучат дали ќе протестираат.

Министерството за образование и наука соопшти дека над 14 илјади матуранти ќе полагаат државна матура според утврдената концепција за матурски испит, која не може да се менува во од, а дека измени се можни за наредната учебна година.

Државниот испитен центар во ноември ги објави и термините за испитите од трите екстерни испити кои ќе се полагаат од 29 мај до 14 јуни 2021.