Сојуз на средношколци: Ќе бојкотираме додека МОН не попушти

35

Министерката Мила Царовска постојано потенцира дека сака да поттикнува и да слуша критичко мислење кај младите. Е па, ова е тоа критичко мислење и ова се младите кога сакаат и бараат промена, велат од Средношколскиот сојуз за бојкотот на наставата против актуелниот концепт за државна матура.

Филип Трајковски, од Средношколскиот сојуз, матурант и претседател на ученичкиот парламент во гимназијата „Гоце Делчев“, за „Утрински брифинг“ вели дека не е толку проблемот во бројот на предмети, туку тоа што не се слуша мислењето на младите.

„Мене не ми е проблем да полагам четири предмети, но има примери што имаат навистина многу потешкотии. Министерката постојано го потенцира тоа критичко мислење кај младите кое сака да го развие и слуша. Е па, ова е тоа критичко мислење и ова се младите кога сакаат и бараат некоја промена. Кога конечно го има тоа ќе видиме колку ќе го прифати“, вели Трајковски.
Тој рече дека од денес ќе се придружат и матурантите од економското училиште „Перо Наков“, а во контакт се и со другите училишта од кои очекуваат поддршка.

„Ова е втор бојкот по ред. Првиот почна на крајот на декември, преку Фејсбук група доби масовен интерес од младите но првично беше неорганизиран, јас не учествував бидејќи знам дека мора некоја легитимна организација да стои зад таков бојкот. Министерката говореше дека само ако Сојузот застане зад средношколците таа ќе преговара со нив. Еве гледаме дека преговори траат, но засега не даваат резултат“, вели Трајковски.

Ставот на МОН дека измените во концептот на матура за оваа година би предизвикало потешкотии за средношколците во запишувањето на факултет, според Трајковски не е издржан.

„Тоа може да се реши преку Владата, како лани кога без матура успеаја да се запишат на факултети тука или во странство“,

вели тој.
Трајковски порача дека бојкотот на наставата ќе продолжи сѐ додека министерството не попушти.

„Во Куманово од денеска скоро сите училишта се приклучени. Кај наставниците има поделени мислење, но мислам дека имаме поголема поддршка. Не е толку многу за кратењето на предметите, туку за слушање на младите. Бојкотот ќе продолжи дури не се оствари успешна средба, засега Сојузот и министерката се на различни ставови, ќе продолжиме додека не попушти. Ова не е само став на Унијата туку на голем дел од средношколците“, вели тој.

Министерството за образование и наука, пак, вчера соопшти дека над 14 илјади матуранти ќе полагаат државна матура според утврдената концепција за матурски испит, која, како што велат, не може да се менува во од, а измени се можни за наредната учебна година.

Државниот испитен центар во ноември ги објави и термините за испитите од трите екстерни испити кои ќе се полагаат од 29 мај до 14 јуни 2021 година.