Со Борисов сонувавме цел Балкан да е во ЕУ, ветото на Бугарија е голема неправда, изјави Заев

36

Кога дојде време Европа да го покаже европското, тоа не се случи, кажа премиерот Зоран Заев вечерва во интервју за Телевизија 21, откако попладнево Бугарија стави вето на почетокот на преговоритеите на Македонија со Европската унија.

Заев кажа дека е разочаран од ветото на Бугарија и смета дека ваквиот став на бугарската страна се должи на претстојните избори во земјата.

„Ми паѓа многу тешко оти ова е голема неправда. Сметам дека ваквата одлука не е желба на премиерот Бојко Борисов и на бугарскиот народ, туку политика пред избори. Јас и Борисов кога го потпишувавме Договорот за пријателство, сонувавме и мечтаевме цел Балкан да биде во ЕУ. Но, да дадеме шанси на деновите кои се пред нас односно на периодот до декември кога ќе се одржи првата меѓувладина конференција“, рече Заев.

Заев кажа дека денеска после блокадата не се чул со Борисов, ниту тој му се јавил да му честита за награда за човекови права која што му беше врачена во Берлин.

„Ова боли, кине денеска затоа што бугарскиот народ треба да е тој кој ќе дава поддршка на Македонија на патот кон ЕУ“, рече Заев.

За Заев и покрај блокадата од Бугарија друга алтернатива освен ЕУ нема.

„Апелирам до нашиот народ да се воздржиме, ќе се разговара уште, еве и вечерва се разговара меѓу министрите за надворешни работи и нивните тимови. Целиот свет е со нас затоа што ние сме во право“, рече Заев и додаде: „нашата намера е да бидеме рационални и да чекориме кон ЕУ. Друга алтернатива освен ЕУ немаме и многу сум благодарен за сите напори што ги прави канцеларката Ангела Меркел, но и челниците на ЕУ“.