Со одложување на законот за ЈО, ВМРО-ДПМНЕ го продолжува функционирањето на парламентот

4

Според вицепремиерката Мила Царовска, нема одложување на изборите најавени за 12 април, ама таа не исклучува одложување на датумот за распуштање на парламентот

Вицепремиерката и потпретседателка на СДСМ Мила Царовска изјави денеска дека нема одложување на изборите најавени за 12 април, ама дека ВМРО-ДПМНЕ, со одложувањето на консензусот за законот за ЈО може да предизвика одложување на распуштањето на парламентот.

„Консултациите за законот за јавно обвинителство продолжуваат и денеска и во моментот кога сите елементи ќе бидат исполнети тој ќе се најде на гласање. Изборите се најавени за 12 април и тоа е така. Но секое одложување и замајување на јавноста од страна на ВМРО-ДПМНЕ со одложување на главни закони и можност за нивно гласање ќе доведе само до подолго функционирање на парламентот. Но самите избори ќе останат на 12 април. изјави Царовска.

Според неа, Владата има консензус по сите прашања и штом се види дека законот за ЈО треба да биде ставен на дневен ред на владина седница, значи дека има одлука дека тој закон е добар.

„Во однос на законот за јавно обвинителство, се преговара и во моментот кога сите елементи ќе бидат исполнети тој ќе се најде на гласање. Сите оние што сметаат дека оваа држава треба да се движи напред, да создаваме иднина за младите и за сите нас е важно да ја дигнат својата рака за тој закон, со цел да ги отвориме перспективите на оваа држава и да продолжиме да чекориме со ист интензитет како и овие две и пол години“, рече Царовска, во одговор на новинарско прашање.
Таа не откри колку пратеници во моментот го поддржуваат законот и за што се преговара.

„Во моментот кога ќе се стави на гласање, ќе го знаеме бројот на пратеници кои застанале зад државата и веруваат дека оваа држава треба да се движи напред“, рече потпретседателката на СДСМ.