Со ослободителна пресуда заврши судскиот процес против Доналд Трамп

6

Американскиот претседател, Доналд Трамп, беше ослободен од вина во судскиот процес кој се водеше во Сенатот, за негово отповикување, со што се стави крај на обидот на демократите за импичмент, кој длабоко ја подели нацијата. Демократите го обвинија Трамп во Декември за вршење притисок и уцена на Украина, при што од властите во Киев очекувал да отворат истрага против синот на неговиот потенцијален ривал Џо Бајден

Сенатот, кој е под контрола на Републиканците, гласаше 52-48 по обвиненијата за злоупотреба на позицијата и 53-47 за опструкција на Конгресот.

Сенатот, откако го судеше Доналд Џон Трамп, Претседател на САД, врз основа на два члена за импичмент, кои ги достави претставничкиот дом и 2/3-тини од сенаторите присутни не пресудија дека тој е виновен за обвиненијата кои се содржани во тие членови. Затоа, пресудата гласи дека обвинетиот Доналд Трамп со оваа пресуда се ослободува од тие обвиненија.

Лидерот на републиканското мнозинство во сенатот, Мич Мекконел, изјави дека со ослободувањето на Трамп од вината, треба да се продолжи напред, оценувајќи дека демократите направиле голема политичка грешка, со покренувањето на процедурата на импичмент.

Одлуката е донесена, што се однесува до мене, ова прашање останува зад нас а за последиците кои би можело да ги има во иднина, ќе одлучат гласачите во земјата, во однос на тоа кој сакаат да ја предводи владата во наредните 4 години, или во однос на Сенаторите, во наредните 6 години.

Разбирливо, поинаква перспектива за епилогот на судскиот процес против Трамп имаат демократите. Лидерот на малцинството, Чак Шумер, оцени дека ова е најголемото прикривање на вистината во историјата на државата.

Нека нема забуна, истекувањето на доказите ќе продолжи да се случува. Со секоја ново сознание, републиканците ќе мора да ги објаснат своите гласови. Тие одлучија да користат лични напади и да посочуваат со прсти. Лидерот Мекконел не можеше ниту да каже дека тоа што Претседателот го направил е погрешно, кога го прашавте пред неколку минути.

Мит Ромни, сенаторот од Јута, беше единствениот републиканец во Сенатот, кој гласаше за отстранување на Трамп од функцијата, по првото обвинение – за злоупотреба на функцијата. Дел од републиканците го критикуваа однесувањето на Трамп, но тврдеа дека тоа сепак не е доволна причина за негово отповикување. Во Ноември оваа година, Трамп ќе биде првиот претседател на САД, на кој му бил изгласан импичмент, кој ќе оди на избори да го бара својот втор мандат од граѓаните.