Спасовски: Вакцинацијата лична и општествена одговорност

4

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска се вакцинираше против Ковид-19 на вакциналниот пункт во спортската сала на „Перо Наков“ во Куманово. Тој изрази задоволство од заинтересираноста на кумановци за вакцинација и изрази благодарност до медицинските лица за спроведување на процесот на имунизација.

Спасовски повика граѓаните да се пријават и да се вакцинираат, бидејќи, нагласи министерот тоа е единствен начин да се победи пандемијата. За него, вакцинацијата е граѓанска, лична и општествена одговорност.

– Навистина само вакцинацијата и имунизацијата на населението може да помогне да ја победиме оваа болест, Ковид-19 и затоа е многу важно сите граѓани од Куманово и од нашата земја што е можно во поголем број да се пријават за вакцинирање. Сакам да го изразам задоволството што кај граѓаните на Куманово има добра пријавеност за вакцинирање, веќе и над десет од населението на градот се имунизираше, што покажува на дело за една одговорност што ја имаме и како град и како луѓе во делот на вакцинирањето, изјави Спасовски.

Министерот за внатрешни работи истакна дека сите вакцини се проверени и безбедни, додавајќи дека е важно граѓаните да се вакцинираат со која било вакцина, за да се спречат тешките форми на Ковид-19 и фаталните последици.

– Добро е што во последно време генерално имаме многу голем број граѓани што сакаат да се вакцинираат и уште еднаш ќе апелирам до сите нив да се пријават на vakcinacija.mk, ќе добијат термин и да ја завршат и личната и граѓанската должност на тој начин помагаме на себе и на семејството, на опкружувањето. Секако дека вакцинацијата не е крај на борбата против Ковид-19, посебно во периодот после вакцинирањето треба да внимаваме да ги почитуваме мерките за безбедност, изјави министерот.

Тој апелираше граѓаните да ги почитуваат здравствените мерки, носење заштитна опрема, одржување растојание.

Спасовски се заблагодари на медицинскиот персонал за нивната борба против Ковид-19 и за вклученоста во процесот на вакцинирање. Спасовски очекува дека сите заедно ќе придонесат да се стави крај на пандемијата, а единствен начин е вакцинацијата и уште еднаш повика граѓаните да се пријават за вакцинација и да се имунизираат и на тој начин да помогнат и на општеството и самите на себе.