Спасовски за аферата со пасошите: Еден од уапсените имал секојдневни контакти со Мицкоски

142

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во гостувањето на „Утрински брифинг“ рече дека еден од уапсените во аферата со издавањето пасоши на криминалци, бил во секојдневен контакт со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тој ваквата информација ја откри одговарајќи на прашањето зошто ја обвинува опозицијата дека правела опструкции на акцијата.

„Јас вчера побарав во моето јавно обраќање од страна на Обвинителството да ги испитаме сите овие активности. Ако излегувате како опозициска партија со какви било обвинувања, нудења документи, докази итн., а тоа не го правите во надлежниот орган, тоа е Јавното обвинителство, се отвораат многу дилеми пред сите, па и пред мене. Затоа треба системот да функционира, затоа реков дека треба да се даде одговор. Меѓутоа, ако имаме предвид дека еден од уапсените е во тесна врска, непосредни и секојдневни контакти со лидерот на опозицијата тогаш се отвора сериозна дилема зошто тоа е направено“,рече Спасовски.

Тој рече дека ова го кажува според сознанијата и индициите кои ги има и тврди дека дел од документите со кои располага опозицијата се добиени преку тоа лице.

Во вчерашната акција МВР уапси 9 лица, а едно е во бегство. Како што рече вчера Спасовски, овластени службеници и контролори од управните служби на МВР издавале патни исправи, злоупотребувајќи идентитети на граѓани кои до тој момент немале македонска патна исправа. На тој начин, вкупно 215 лица, од кои 214 се странски државјани, се стекнале со фалсификувани пасоши, преку посредник надвор од МВР. Меѓу оние кои добиваме македонски пасочи има членови на меѓународни криминални групи и на нарко-картели.

Акцијата МВР ја спроведе со поддршка од регионалната канцеларија за истраги на американската амбасада во Скопје и Интерпол.

Спасовски денеска рече дека во координација со партнерите акцијата требало да ја спроведат за неколку дена, но поради обидот за сузбивање од опозицијата била спроведена вчера. Сепак, тој ја оценува како успешна и тврди дека кругот во МВР кој бил дел од оваа група е затворен.

„Внатре во институцијата (МВР) кругот е затворен, сега одиме со најверојатно проширување на истрагата за да ги видиме сите други аспекти. Заедно со обвинителот идејата беше да се реализира акцијата заеднички и во другите земји, но заради овој обид за саботажа ние го пресековме тој канал и за среќа е завршено успешно“, рече Спасовски.

ВМРО-ДПМНЕ, во понеделникот одржа брифинг со новинари, а вчера Мицкоски излезе и на прес-конференција обвинувајќи ја власта дека издавала пасоши на криминалци. Додека од МВР велат дека опозицијата сакала да ја саботира истрагата, ВМРО-ДПМНЕ да не биле тие власта немало ништо да преземе.

„Да не беше брифингот на ВМРО-ДПМНЕ и да не излезевме денеска во јавност, немаше да се разбудат од зимски сон. Ако ја спроведувале една година, ќе ја спровеле, а не да апсат некои службеници. Не убедувајте ме дека службеникот што фотографира или тој што земал отпечатоци знаел кои се овие лица“, рече Мицкоски вчера.