Спасовски: Се води истрага за бегството на Мијалков, цело време беше во Скопје

46

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во гостувањето во Утрински брифинг зборуваше за бегството на Мијалков и неговото појавување вчера пред Јавното обвинителство, каде го подигна решението за куќен притвор.

-Мијалков не ја напуштил државата. Јас вчера и на прес конференција кажав дека според оперативните сознанија знаеме дека тој е во Скопје. Сега се води истрага, до вчера работевме со ОЈО со дежурните обвинители, во смисла на повикување на информативни разговори на лицата кои би можеле да бидат помагатели во неговото бегство. Важно беше да се одземат сите телефони, уреди, документи кои би можеле да бидат од истрагата. При претресот на неговиот дом обезбедени се електорнски уреди и документација која што може да биде дел од целиот процес. Од вчера е назначен јавен обвинител кој што директно ќе раководи со овој случај, вели Спасовски.

Во однос на Таргет – Тврдина единствена мерка која што беше изречена е одземање на патната исправа и обврска еднаш месечно да се јавува во судот, како мерка на заштита кои што судот ги има определено при почетокот на овој предмет, дециден е министерот.

-Ние практично не можевме да преземаме, ниту сме имало обврска, налог, било каква активност во однос на движењето на Сашо Мијалков. Од моментот кога се добива сознание дека е можно да се врши бегство, ние ги применуваме нашите полициски овластуивања, што значи вие можете да преземете прикриено полициско набљудување од јавни површини. Секако дека ова не е ефикасна метода, но таа е дозволена со закон. Ние заради преземањето на овие мерки кои беа со прикриеното полициско дејствуање и во насока на очекувањето на решението за оптределувањето на мерката притвор, се преземаа сите активности во тој момент, вели Спасовски.

-Индициите и информациите без разлика од кого доаѓаат, тие треба да се споделат со службите и мислам дека е многу поефикасно што таа индиција или информација е стигната до обвинителството, отколку да стигне до МВР или АНБ, иако е можно било кој од изворите да ја добијат таа информација. Ние првично таа информација ја добивме првично од јавниот обвинител. И тука нема ништо спорно, таа информација создава можности да се постапува во натамошниот период, рече министерот Спасовски.